Филипче: Специјализациите ќе се доделат овој месец, од септември со специјализација ќе почнат голем број на лекари
– Приемот на нови лекари и средностручен медицински персонал во болниците се планира врз основа на регионалниот карактер, опремата со која располагаат поради видот на услугите што треба да ги дадат, возрасната структура на лекарите кои работат и инфраструктурата со која располагаат јавните здравствени установи. Во последните шест месеци во јавните здравствени установи примени се вкупно 1.000 здравствени работници. Најголем процент од нив се доктори, рече министерот за здравство др Филипче одговарајќи на новинарско прашање кога ќе бидат примен нов медицински персонал во ЈЗО Општа болница Велес која дава услуги на пациенти од скоро цел Вардарски регион и не е недоволно екипирана ни со доктори ниту со средностручен персонал.
Министерството за здравство овој месец ќе ги додели првите специјализации додека поголем број на лекари ќе тргнат на специјализација во месец септември. Но, тоа нема веднаш да ја реши сериозната потреба од лекари специјалисти. Во велешката болница најсериозна е состојбата на хирушкото и на одделението за гинекологија кои работат само со по тројца лекари специјалисти. Овие две одделенија сега ги покриваат специјалисти од јавните здравствени установи од Скопје и од Штип.
Министерот вака одговори на прашањето за неопходната реконструкција на Инфективното одделение во болницата сместено во објект стар четириесет години, со разградена фасада, оштетени прозорци и врати што не се затвораат, проблематични водоводни и канализациони цефки:
– Во однос на корегирање на инфраструктурата и инвестирање во самите згради ја разгледуваме можноста да аплицираме на повеќе европски проекти кои што нудат можности за инвестирање во однос на енергетски ефикасни објекти. При крајот на месецот имаме состанок со Банката на Централна Европа со која треба да разговараме за можноста за кредитирање и не само за новиот Клинички центар во Скопје туку и за реконструкција на сите јавно здравствени установи, кои што сметаме дека треба да се реконструираат, а пред се тука мислиме на регионалните болници, рече Филипче. /У.Ј