ОК ВМРО ДПМНЕ Велес: Градоначалникот и мнозинството во Советот создаваат хаос во образованието
ОК на ВМРО ДПМНЕ испрати реакција која се однесува на иницијатива за рационализација на училиштата во градот што како точка е ставена на дневниот ред на денешната седница на Советот на Општина Велес. Партиската реакција започнува со констатацијата дека тековната учебна година ќе останела уште долго запаметена како една од најцрните години за образовниот систем затоа што Градоначалникот заедно со своите советници направиле голем број на промашувања а сега спремале и ново изненадување за граѓаните на општина Велес.
Опозицискта ВМРО-ДПМНЕ смета дека покрај целата наметната медиумска едностраност и темнина, граѓаните мораат да бидат запознати со она што се случувало во образовниот систем и со она што градоначалникот планира да го направи поточно спојувањето на општинските основни училишта Благој Кирков, Јордан Хаџиконстантинов Џинот и Стојан Бурчевски Буридан и припојување на ООУ Рајко Жинсифов од село Горно Оризари кон некое од останатите училишта во градот.
„ Тоа почитувани сограѓани значи дека со спојувањето на првите три училишта, ќе згаснат два правни субјекти кои функционираат повеќе од 50 години, функционираат за добробит на учениците и прават кадри кои ќе бидат носители на општествениот живот. Со самото згаснување, тековно ќе се појави огромен вишок на наставен и административен кадар, и контролата која ќе падне под новиот правен субјект ќе биде речиси невозможно да се прави. Предвидено е затварање на подрачните училишта во Башино Село, Отовица и Сујаклари. Со самото тоа 6 годишните дечиња од тие села ќе треба да стануваат порано за да стасаат на училиште. Како можете г-дине Коцевски да направите такво нешто?, објаснуваат и го прашуваат од ОК ВМРО ДПМНЕ Градоначалникот на Велес.
Во реакцијата на опозициската ВМРО ДПМНЕ исто така пишува дека Градоначалникот од една страна предвидел во неговата програма реконструкција на училиштата во селата додека од друга страна планира да ги затвори подрачните училишта.
„Од една страна велите дека ќе штедите, а со превозот на децата секојдневно ќе трупате нови трошоци. Коцевски, дали вие знаете што значи да се затвори селско училиште? Тоа значи крај на надежта во една заедница. Погубните политики во однос на младите кај вас во континуитет продолжуваат. Ќе треба да им објасните на граѓаните кои ве поддржаа дека вие или сте биле збунети во текот на кампањата кога сте ветувале реконструкции или воопшто не ве интересираат нивните проблеми. Во село Горно Оризари живее најбројното малцинство на територијата на општина Велес, Бошњаците. ООУ Рајко Жинзифов е единствено основно училиште во Македонија каде наставата се одвива на Бошњачки јазик. Со неговото затварање како правен субјект ќе згасне и правото на образование на тие деца да учат на сопствениот мајчин јазик. Вие како градоначалник што благодарение на нивните гласови станавте тоа што сте, дали мислите дека така треба да им се возврати на тие граѓани? Дали мислите дека тоа е најсоодветно решение? Наместо да побарате ова училиште да биде заштитено како училиште со посебен карактер, вие се дрзнувате да го затворите. Ќе навлечете гнев господине Коцевски и ништо повеќе од тоа“, пишува во реакцијата на ОК на ВМРО ДПМНЕ Велес.
Од опозициската партија на Градоначалникот и советниците на владеачката СДСМ со коалиционите партнери им порачаа да надвладее разумот со образложение дека еден ваков нивни експеримент не поминал баш најдобро.
„Оставете ги децата да си учат и да си имаат безгрижно детство, оставете ги селата да си функционираат како и до сега бидејќи со овие ваши потези ќе направите само пустош во нив“, пишува во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ./У.Ј