Две малолетни девојчиња и едно момче изгореа во пожар во Велес
Единаесет месечно бебе, две и четири годишни дечиња се жртви на пожарот што попладнево околу 15.30 часот избил во нивната соба изградена во дол на ридот на Вршник. Таа е единствена и била дом за нив, нивната мајка Марина, таткото Коле и постариот брат Стефан. Родителите ги оставиле сами дома, ги заклучиле трите мали деца и отишле во продавница. Стефан собирал пластични шишиња и исто така не бил дома кога пожарот избил во домот.
Јагленисаните тела на трите мали деца изгорени во пожарот едвај успеале да ги пронајдат пожарникарите. Двете од нив биле гушнати и припиени едно до друго. Најмалото, еднаесетмесечното бебе било под нив. Сите биле потрупани од паднатиот покрив на собата. Глетката ги затекнала пожарникарите кои први стигнале во изгорената соба. Околу неа, од надворешна страна, имало расфрлан мебел и многу пластички шишиња.
Во собата немало струја и вода, ниту во дворот кој од улицата „Даре Џамбаз“ и последните куќи во Велес е оддалечена околу 100 метри.
Соседите што први го забележале и пријавиле пожарот велат дека семејството не било многу контактибилно. Живеело изолирано, само горе на ридот под Вршник.
До доцна вечерва траеше увидот што го правеа екипа на СВР Велес и Јавен обвинител. Тие треба да ги соопштат причините за пожарот и како се случи во него да изгорат трите малолетни деца. Издаден е налог за аутопсија на јагленисаните тела на децата. /У.Ј