Институциите работат на утврдување на причината за пожарот и смртта на трите малолетни девојчиња во Велес
По семејната трагедија од вчера, кога во пожарот во домот на улица „Даре Џамбаз“ бб во Велес им изгореа трите малолетни ќерки, мајката Марина Антониевска и таткото Никола Давчевски преноќија во зградата на пожарната. Со нив е и постариот син Стефан. Тие од таму денеска отидоа да дадат изјави во полиција од каде повторно ќе се вратат се додека не им се обезбеди место за времен престој. Општина Велес и хуманитарката Ленче Здравкин се погрижија тие да имаат храна, облека и средства за хигиена.
Смртта на единаесетмесечното бебе, на две годишното и четири годишно девојче се причина за итната седница на Советот на Општина Велес што за вечерва, со почеток во 18 часот ја свика Градоначалникот Аце Коцевски.
Од утринава полицијата и пожарникарите се присутни на местото на трагедијата што вчера го потресе Велес. Портпаролот Верољуб Додевски вели дека увидот е завршен но сеуште трае истрагата како се појавил пожарот.
Командирот на Територијалната Противпожарна единица во Велес, Љупчо Липидовски со трогателна приказна како вчера заедно со таткото Никола иако задоцнето први стигнале до собата што горела и едвај успеале ги пронајдат тела на трите деца.
– Таткото кажуваше каде стоеле каучите во собата и така почнавме со вила да пребаруваме. Прво го откривме телото на најстарото девојче, потоа на средното и на крај на најмалото. Вратата била заклучена кога родителите отишле да пазаруваат. Ако не било така можеби најстарото девојче ќе можело да им помогне и да ги спаси помалите сестрички. Ова е моја претпоставка, рече Липидовски.
Од Центарот за социјални работи во Велес денеска велат дека ги средувале документите за да им пуштат еднократна парична помош на Марина и Никола. Барале и стан или куќа за времено да ги сместат. Директорката Азиза Буши додаде дека семејството од декември лани било корисник на социјална помош откако синот Стефан го завршил школувањето и престанал да добива наследна пензија од неговиот роден татко. Центарот знаел во какви услови живеат и се обидувал да им помогне. Во два наврати им помогал да ги средат документите за социјален стан. Но, државата ги одбила и годинава исто како и пред две години.
Од Министерството за труд и социјална работа информираа дека Општина Велес во соработка со Центарот за социјална работа се ангажираат за организирање на погребот за настраданите деца како и дека за постапувањата на Центарот во градот согласно потребите и надлежностите, јавноста ќе биде благовремено информирана.
По завршувањето на увидот, синоќа околу 22 часот, соопштение испрати и Јавното Обвинителство во кое пишува дека според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата. При вршење на увидот, јавниот обвинител издал наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење на идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од лице место за да се утврдат причините за настанување на пожарот. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес презема дејствија за расчистување на околностите на настанот и за утврдување евентуална кривична одговорност. /У.Ј