Избрани в.д Директорите на ЈП „Велес паркинг„ и ЈП „Велес гас“ – останува уште просторот во кој ќе функционираат
Двете нови Јавни претпријатија , за паркинзи и за гас, што општина Велес наскоро ќе ги добие имаат именувани в.д директорти. За вршител на должноста директор во ЈП „Велес паркинг“ е именуван дипломираниот правник Филип Зафиров додека во второто претпријатие „Велес гас“ оваа функција ќе ја извршува дипломираниот правник Александар Гулевски. Од денот на именувањето до денеска тие немаат засновано работен однос. Засега сеуште не е определен и просторот каде што ќе функционираат претпријатијата. Градоначалникот Аце Коцевски посочи дека едното претпријатие може да биде сместено во дел од објектот во кој функционира ЈП за стамбен и деловен простор и второто во зградата на Синдикат како простор што е слободен и е во надлежност на општина Велес.
– Во Централниот регистер е завршена процедурата за регистрација. Јас сеуште тактизирам со засновањето на работниот однос за да заштедиме што е можно повеќе финансиски средства. Активностите потребни за тие две јавни претпријатија сеуште ги водат вработените во општинската администрација. Значи работиме на Студијата за паркинг простор за да воведеме зонско паркирање од есен. Се обративме до градот Скопје за да ни отстапи едно пајак возило. Паралелно со тоа работиме на Планот за одржлива урбана мобилност, рече Коцевски.
Тој на денешната средба со претставници од Кабинетот за енергетика на Премиерот Зоран Заев треба да ја добие Студијата за гасификација што Владата ја изготвила по што ќе можат да се распишат тендери за изработка на изведбени проекти за секундарна и терцијална гасификациона мрежа.
– Имаа дилеми во Владата, затоа се одолговлечи постапката, за задолжување кај меѓународни финансиски институции со цел Владата во име на општините да ги порача изведбените проекти за секундарните и терцијалните мрежи. Но јас не сакав да губиме време и инсистирав денеска да ми ги предадат документите и ние да почнеме со подготовка на тендерската документација. Ако во меѓу време Владата овозможи финансирање на тој дел од постапката тогаш општина Велес ќе се повлече за да не дава пари, рече Коцевски.
Градоначалникот соопшти дека многу скоро двајцата избрани в.д Директори на двете нови јавни претпријатија „Велес гас“ и „Велес паркинг“ ќе засноваат работен однос./У.Ј