Општина Велес ќе реализира инфраструктурни проекти во висина од 1.742.000 евра
Европската инвестициона банка обезбеди дополнителни 300-400 илјади евра што заедно со неискористените средства од оваа банка, за инфраструктурни проекти, Велес сега располага со вкупно 1.292 303 евра, соопшти Градоначалникот Аце Коцевски. Општина Велес обезбедила дополнителни финансиски средства и од Министерството за транспорт и врски во висина од 400.000 денари што заедно со финансиските средства од Светска банка во висина од над 50.000 евра создаваат вкупен износ од 1.742.303 евра.
Освен за инфраструктурни проекти, Општината, со донација што ја добила од Програмата за развој на Обединетите нации во висина од 12.000 евра планира да ја реконструира салата на Општина Велес. Таа ќе се трансформира за двојна намена, за одржување на седници на Советот и за присуство на граѓаните кои сакаат да ја следат неговата работа. Според Градоначалникот, овој пилот проектот ќе биде применет и во други општини во Македонија.
Исто така, Фудбалската федерација на Македонија преку Општинскиот фудбалски сојуз на Велес , дополнително одобрил 15.000 евра со кој покрај првично обезбедените 1500 седишта за трибините на градскиот фудбалски стадион со по 5.000 евра ќе се модернизираат фудбалските игралишта во Градскиот парк, помошното игралиште и фудбалските терени во Превалец и Башино Село.
– Со финансиска поддршка од УНДП во висина од 60.000 евра ќе се финансира проект кој дополнително ќе се избере со граѓаните во транспарентна постапка. Од Глобалниот еколошки фонд во партнерство со ЕД „Вила зора“ и „Пакомак“ добиена е донација во вредност од 30.000 евра, во вид на пластични контејнери од 1,1 м3 за собирање на ПЕТ амбалажа. Проектот предвидува и кампања во општинските институции, особено во училиштата за подигање на јавната свест за рециклирање на отпадот. Општина Велес учествува во овој проект со 100.000 денари. ХАБИТАТ финансиски ќе го поддржи ажурирањето на Акциониот план за одржлива енергија-СЕАП со цел да ги исполни стандардите на ЕУ и да биде соодветен за аплицирање на проекти за енергетска ефикасност пред странските фондови, рече Коцевски.
Тој додаде дека за изградба на водоснабдителниот систем во Индустриската зона „Мамутчево“ општината од Министерството за локална самоуправа обезбедила 8,5 милиони денари, успешно го поминала првиот филтер на повикот од Светска банка за проекти од областа на туризмот и во моментов работи на финалната апликација на проектот за ревитализација на езерото „Младост“ вреден над 1 милион евра. /У.Ј