Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Fotografi fin

Оние кои ги читаат редовно моите написи за стар Велес, веројатно се сеќаваат за написот за експедицијата на Јозеф Хан и Јозеф Секељи во 1863 година кога за прв пат се направени фотографии на Велес. Да потсетам дека тогаш во Македонија престојувал Јозеф Секељи , австроунгарец, доктор по хемија и фотограф, кој имал свое фотографско студио во центарот на Беч. Тој по договор, заедно со Јохан Георг фон Хан, за потребите на весникот „Национална географија“, тргнал во фотографска експедиција по Балканот со цел да создаде фотографии од дотогаш непознати за европската јавност краишта на Балканот. Тие ја посетиле Босна, па преку Албанија дошле и во Македонија. Во Македонија влегле преку Дебар, продолжиле кон Струга и Охрид од каде заминале кон Битола, а по наговор на еден турски офицер, со кој Секељи се познавал од студентските години во Беч, допатувале и во Велес.

И токму од Велес кон Солун експедицијата на Секељи и Георг фон Хан продолжила со брод, односно гемија, чие патешествие ќе Ви го опишам токму во продолжение на оваа статија.

Всушност, целта на Хан била да ја извиди и трасира идната железничка пруга Скопје – Солун, што би минела до течението на реката Вардар од Скопје, преку Велес, Демир Капија, се до Солун. Истото извидување Хан го направил и при неговата експедиција по реката Дрина во Србија .

По експедицијата, Хан во 1876 година издал книга во која го опишал своето патешествие по Дрина и Вардар. Еве како се одвивала ова мисија:

„ На 22 Октомври, попладне, бевме веќе навлезени во долината на реката Тополка и одејќи по нејзиниот тек стигнавме во близината на вливот во реката Вардар.Таму веќе не чекаше група коњаници. Штом наближивме , видовме дека тоа е Мудурот на Велес со полицајците, кои не чекале тука поодамна. Се поздравивме и продолживме кон вливот на Тополка, што за мене беше од голема важност и сакав добро да го разгледам. Кањонот на Тополка се ширеше после дрвен мост кој ја премостуваше рекичката. Патот кон градот одеше угоре, паралелно со голема грамада карпи. Под патот имаше еден шанец и гледајќи го внимателно дојдов до заклучок дека е доволно широк и висок за да може преку него да помине трасата на железничката пруга Скопје – Солун, чија изградба веќе беше договорена.

Велешките ридови беа високи и стрмни и јас ја презедов ова експедиција по течението на реката Вардар, пред се за да ја видам конфигурацијата на теренот и можностите каде би поминала трасата на идната пруга. Ова беше од голема важност, бидејќи секое поместување на трасата носеше големи материјални издатоци, кои не беа за занемарување !

Младиот благајник на Велешката Општина вртеше со главата велејќи дека никој до сега не помислил ни пат тука да направи за коњите и колите, а не пак да постави железничка пруга! Тој велеше дека водите на Тополка и Вардар биле непредвидливи и токму ова место знаело да биде поплавено со голема вода, која многу често ги носела со себе и дрвените мостови.

Да, испустот и брегот на Вардар беа тесни и мораше доста материјал да се отстрани од десниот брег. Тополка имаше 16 воденици и многу вода во овој период. Вливот на рекичката беше природна клисура , а стариот град и цитаделата беа на 200 стапки повисоко, на стрмна падина на една коса висорамнина.

Тргнавме кон градот Велес, на север, убедени дека Тополка нема да претставува некој проблем. Нашиот пријател Карајофимовиќ ни беше нашол стан во Велес и со задоволство не пречека.

Потоа, отидовме да ја разгледаме реката Вардар и нејзините брегови. Сакавме да го видиме и нашиот чамец, гемијата, кој го нарачавме да се направи од порано. Се сретнавме и со нашите лаѓари, гемиџии, со кои се погодивме за по 10 гроша дневно. Луѓето беа на околу 40-50 години и беа искусни за оваа работа. Посебно ми се бендиса Кристо,Христо, кој беше интелигентен човек и зборуваше грчки и турски, беше паметен, за разлика од неговиот другар кој беше молчелив и слабо нешто разбираше.

Ние сакавме што поскоро да запловиме, но требаше да се направи кров за чамецот од рогозина, за да не ни ги врне работите, како и да се набават четири наметки од овчка кожа. Ни рекоа дека Велес е познат по тоа и има добри мајстори, а дека наметките се одлични за ова време и не пропуштаат дожд и студ. За подготовките ни беа потребни околу два дена.

За тоа време нашиот домаќин започна долг разговор за хемија со мојот фотограф Секељи, кој пак беше хемичар по струка. Мене не ми беше тоа интересно, па претпочитав да дремнам малку.

Претпладнето младите господа заминаа да направат неколку фотографии на Велес, а јас отидов кај Мудурот да завршам една работа. Имено, ми кажаа по пат дека по налог ва велешкиот владика Антим е затворен еден христијанин, чија вина била што преминал од православие во католицизам. Требаше да направам напори тој да биде пуштен од затвор, бидејќи никаква вина немаше!

Кај Мудурот беше и Ќор Али бег, кој беше управник на градот Велес, син на познатиот Емин Ага. Тој навистина не гледаше на едното око и името му одговараше. Ми кажаа дека во Велес скоро секој мештанин има некој надимак и затоа никој не се секираше или лутеше.Така беше и со Ќор Али бег. Мудурот се викаше Капиџи баша.

Капетанот на заптиите Хасан бег ми покажа дел од заб од предисториски слон, мамут, кој беше добро зачуван. Тој бил најден при ископ на бунар во селото Виничани, на три часа одење од Велес кон југ. Селото се наоѓало на самиот влив на левата притока на Вардар, реката Брегалница. Немало други коски или друг материјал во близина , па заклучивме дека можеби забот е донесен од водата на Брегалница. Очигледно дека забот беше наменет за препродажба и тие пробаа да ме заинтересираат, дури и за цена ме прашаа, но јас реков дека не сум стручен за тоа и не ме интересира.

Разговорот се сврте за реката Бабуна и нејзините пештери и цркви, како и за приказната за дрвениот ковчег со богатство скриен во една од пештерите.

Потоа, со Мудурот насамо разговарав за затворениот човек и тоа го решивме брзо, со мал рушвет. Мудурот рече дека утредента човекот ќе биде пуштен.

Кога се најдов со другарите ми кажаа дека рогозина набавиле, малку поскапо отколку што очекувале и дека договориле мајстор-кожар да сошие четири прекривки од овча кожа, по 10 гроша едната. Јас мислев дека е малку прескапо, ама ме убедуваа дека прекривките се одлични за дожд и студ.

На 24 октомври се качивме на бротчето, ние четворица, двајцата гемиџии и два гавази, наоружани придружници кои ни ги дадоа. Христо рече дека ако сакаме има место уште за четворица на чамецот, бидејќи не носевме многу други работи.

Вардар на југ минуваше низ клисура, високо извишена над водата. Гемиџиите кажаа дека во 1850 година водата во ова време била за 22 стапки повисока и скоро го однела дрвениот мост на реката Тополка. Спроти вливот на Тополка има рид со црква и гробишта, а над вливот од десната страна има цитадела на Стариот град Велес. Тука имало 39 цркви и Митрополија. Сега имаше нов манастир „Свети Димитрија“ а понатаму една црква „Свети Никола“. Видовме луѓе како вадат камења од градбите на Стариот град и ги товараат на запрежни коли. Веројатно дека со нив ќе градат нови градби во новиот град по на север.

Гемиџиите ни рекоа дек Стариот Велес бил од македонско и римско време, но друго не знаеја за него.Чудно е што има очигледни наоди, како стара чешма, остатоци од стар мост преку Вардар, на место каде чудно и осамено се издига Маркова меана, среде пустошот на тоа место.

Манастирот е скоро подигнат и го видовме велешкиот духовник на пенџерето и му одмавнавме на замин.

Кога стигнавме на вливот на реката Бабуна, таму веќе не чекаа велешаните кои пред нас тргнаа со коњи. Ни помогнаа да се укотвиме и по брегот заминавме кон пештерите на Бабуна. По патот имаше многу добро изработени лозја со доста род. Христо ми кажа дека тука, во Велес, виното било одлично и тие носеле често вино и ракија за Солун со гемиите.

Местото каде се наоѓаа пештерите се викаше Пешти и до него се стигнуваше по козја патека, а потоа ги соблековме и чорапите за да газиме во вода. Местото беше во кањон, окружено со високи карпи, а кога влеговме во првата пештера се стаписав, за прв пат во животот имав непријатно чувство од просторот.

Во пештерата имаше неколку поголеми дупки, а во едната се наоѓаше некое дрво, за кое рекоа дека е поклопец од ковчег со злато.Очигледно, приказната беше срочена за наивни посетители кои сакаат да доживеат авантура и секако, да платат пари за тоа. На западната страна на теснецот имаше една црква со фрески , за која рекоа дека е од времето на Крали Марко.

Долината на Бабуна, очигледно, не беше добра за поставување на пруга, пред се поради тесното и стрмно корито на реката, карпестите брегови и непостојаноста на воденото ниво.

Лаѓарите предложија тука да ноќеваме, но бидејќи имаше уште два часа до стемнување јас сакав да продолжиме на југ , иако ме убедуваа дека има едно незгодно место со брзаци и карпи, како и поголема кривина на реката.

Кога тргнавме, по 15 минути, гемиџиите започнаа да протестираат нешто, а јас го извадив пиштолот и испукав во едно дрво кое напоредно пливаше со нашиот чамец. Потоа се се смири. Се истоваривме на едно затскриено, пошумено место на брегот. Запаливме огин и ние четворицата залегнавме во чамецот да спиеме, но јакиот северен ветер не ни го дозволуваше тоа, па полегнавме околу огнот.

По 11 часа пловење стасавме во Градско, среќно минејќи ги местата кои лаѓарите не ги сакаа многу. Градско беше на десниот брег на Вардар, а по појадокот заминавме кон вливот на Црна река и стариот град Стоби. Тоа беше голем антички град, од пред римско време. Тука беше всушност границата меѓу Велешкиот и Тиквешкиот округ. На вливот на Црна река во Вардар имаше многу стебла кои по реката се пуштаа дури од прилепско. Тоа беа долги и прави борови, кои се врзуваа како сплавови со врбови прачки и така се транспортираа до Солун , каде ги бараа како градежен материјал.
Во Стоби наидовме на огромна градба, нешто како амфитеатар, кој се уште чекаше да биде откопан и истражен.

На брегот на Црна наидовме на градобран од цемент и цигла од римско време, покриени со камени плочи, кој очигледно се корисел како пристаниште за врзување бродови. Големи мермерни плочи со натписи или рељефни фигури имаше насекаде, дури и дворовите на селаните беа поплочени со нив, а некои плочи служеа и како маси за седење. Селаните велеа дека во Прилеп имало ваков мермер и дека постои приказна дека со сплавови е носен од таму по реката. Се мислев да купам некои вазни, статуи и теракоти, ама не знаев дали ќе успеам да ги пренесам до дома без да ги кријам.

Во Градско и селата наоколу земјата се обработуваше со плуг без тркалца, какви има само во Шкотска или Северна Англија, кои се доста заостанати.

Одејќи на југ ја видовме утоката на реката Брегалница од лево. Од вливот, велат, на шест саата пешки се наоѓа градот Штип. Реката прави голем лак а левиот брег е низок и се гледа рамнината на Мустафа Оваси ( Овче поле), низината по која води пат до Солун.

Наидовме на едно чудно село, само куќарки, без дрвја и зеленило наоколу. Христо вели дека Криволак има околу 50 куќи во кои живеат барем 50 арамии и крадци на стока. Тој рече дека лаѓарите гледаат што побрзо да поминат од тука!

Понатаму е селото Пепелиште, рамно, со убаво обработена земја. Тука повеќето биле Турци, едвај 12 христијански куќи. Запревме во селото , но никој не се помрдна околу нас, како да сме обични, секојдневни посетители.

По два часа бевме во манастирот „Св. Ѓорѓи“. Според приказната светецот и се јавил на некоја баба од Неготино, чиј имот бил тука и и рекол да направи црква и манастир. И така биднало. Пред две години е започната црквата и конаците и скоро е готова. Интересно е што говорот на овие луѓе е чудна мешавина на словенско- бугарски јазик, но и турците само него го зборуваат.

Во селото Војишин наидовме на акропола на еден рид 120 стапки висок, со скали од цигли и малтер, а имаше и статуи од бел мермер во природна големина. Беа сочувани скоро сите, освен статуата на голем орел кој немаше глава и крилја. Велеа дека тоа било од византиско време.
Преспавме во конакот на манастирот кој имаше шест прозорци и богами многу се настудевме. Во близина имаше и ниви со ориз со одличен квалитет.

Пробавме утрото и „пилав„, традиционално турско јадење од ориз.

Анџијата во селото беше Влав и зборуваше грчки. Тој не упати кон тоа што ни претстои , Демир Капија ( железната врата). На десната страна на влезот во клисурата имаше тврдина, Царевац, со голема плоча како натпис.Тоа бил поголем град. Во близина е селото Дрен. Тука постојат големи камени коцки, очигледно од некоја градба. Во долината на Демир Капија има доста птици: црн кос, есенски препелици, кои се добри за лов. Има и многу зајаци, срни, лисици, а богами и волци. Во пештерите на стрмните брегови велат дека и мечки зимувале.

Наидовме и на извор на минерална вода , за која гемиџиите велеа дека е добра за костоболка, но не можев да ја пијам таа вода. На Пајтингеровата карта ова место беше погрешно одбележано.

Се запознав и со Дервен Ага Шабан, на возраст од 40-50 години, кој ја чуваше Демир Капија и клисурата. Хусни паша од Солун му имаше дадено изим да управува со преминот, да го чува и секако, да наплаќа арач за поминување од тука. Шабан ми рече дека слушнал некоја нова банда се наближува тука и треба да бидам на штрек. Дури ми понуди двајца свои наоружани луѓе да ме следат. Но, јас се насмеав и си ја платив таксата, па ме остави на мира да поминам се до Солун.

Го видовме и Амам Чифлигот со пет воденици, а се чудев што не направиле и повеќе бидејќи има место и доста вода која не е искористена.
Во клисурата на Демир Капија видов и една плоча со римски натпис кој не беше читок. Се познаваше само она *STOB..*.Тоа се плочи кои Каранда ги има ставено по должина на патот Виа Игнација.

И овде Бартовата карта се покажа неисправна и не се совпаѓаше со теренот. Наидовме на стара стражара, над патот, која ја направил Али паша Јанински, за да ја контролира Железната Капија и долината на Вардар.

Беше направен и ѕид, 5 стапки дебел, цврст, по кој би можела да поминува пругата и да се заштедат многу пари за заобиколување на трасата. По моите мерења Железната Капија има должина 1030 метри, а најтесно е во еден дел, само 42 метри, и тоа е воедно најопасното место на целата траса на идната железница..

Некој си Хаџи Исмаил од Гостивар, трговец со стока , направил уште еден, нов ѕид пред 4 - 5 години и со тоа го осигурал преминот. Тој во Ветерник направил и џамија и неколку дуќани – продавници.

На два часа од Демир Капија се наоѓа пријатна долина, остатоци од дрвен мост и селото Грац, од каде бил родом и Христо. Тука има и скеле за премин преку реката. Селото има 70 куќи, многу лозја и ниви. Развиено е и одгледувањето на свилената буба. Наоколу има дабова шума, која се сече и се праќа по Вардар како сплавови до Солун, каде ке се продава од 60 пари до 2 гроша. За ова се наплаќала и „мирија“, царина, која изнесувала 6% од вредноста на стоката.

Понатаму, дојдовме до едно село кое е на 53 римска миља од Грац до Солун. Тоа е Ѓирокастро или Цигански град ( Јевјит Кале – тур.). Се зборува дека тука циганите некогаш направиле свое царство, дури и цар си поставиле. Не најдовме ништо посебно интересно.
Ѓевѓелија има околу 60 куќи и изгледа градски. Видовме многу Свилари кои му припаќале на некој трговец од Солун.

На 1 ноември стигнавме на вливот на Вардар во морето. Последните часови возење со гемијата беа страшно досадни. Водата беше плитка 2-3 стапки, па често мораше гемијата да се влече. Имаше многу песочни наноси. Пиевме жолта вода за која лаѓарите велеа дека е лековита и е добра за стомакот. Имаше и многу птици, па уловивме шест шљуки за ручек. Имаше и многу бувови.

Стигнавме до дрвениот мост на Вардар од каде патот врвеше до Ениџе, Пела се до Воден и Манастир ( Битола). Христо ме наговори да се пазарам за гемијата со Јани. Јас побарав 300 гроша, едвај ¼ од цената која за гемијата ја платив во Велес. Но, очигледно Хисто и Јани беа договорени и тој ми даде само 120 гроша. Јас се сложив на 150 гроша, но Јани ми рече дека за тие пари морам да ја однесам до Солун на пазар.

Јас најмив биволска кола и ги товарив нашите работи внатре, а на коларите им наредив да стават во гемијата слама и да ја запалат! Тие тоа и го направија, а Јани и Христо се стаписаа. Тие тоа не го очекуваа. По малку им наредив на луѓето да го изгаснат огнот и откога тоа го сторија им ја дадов гемијата бакшиш. Тие беа радосни, а Јани и Христо останаа без зборови. Моето патување до морето заврши тука.“

Љупчо Данов

Поврзани вести

Web banner Hit Portal Sinalco IceTea 2018 300x250px 01

 

Најново