Дворовчани можат безбедно да минат под малиот тунел
Исчистени се грмушките и дрвјата околу тунелчето што ги спојува двете улици „Благој Нечев“ и „Страшо Пинџур“ во населбата Дворови во Велес. Рано утринава работници на ЈКП „Дервен“ ги исекоа гранките и ја искастрија тревата од двете страни на приодот во североисточниот дел на населбата. Тие постапија откако вчера општинската инспекторка за заштита на животна средина Билјана Шуркова Манаскова и стручните лица од комуналното претпријатие направија увид и констатираа дека граѓаните оправдано стравуваат за својата безбедност кога минат низ приодот откако видоа змија.
Разлистаните ниско стеблести растенија, надвиснатите гранки на дрвјата, тревата и жбуновите беа пригодно место за змиските гнезда.
Местото е секојдневно полно со деца затоа што е погодно за игра. Откако се расчисти таму се ослободи место и за дополнително паркирање на возила.
Сега граѓаните очекуваат исто така и ЈП „Македонски железници“ да го искастри и среди земјениот дел покрај пругата Велес – Штип која мине низ овој дел на населбата и е повисока од улицата. Од двете страни на железничката пруга има земјена површина на која растат ниски дрвја чии гранки се надвиснати над улицата „Благој Нечев“. Околу нив има густа трева што создава големи жбунови. И тие се погодни за змиски гнезда. За разлика од претходно, во последните десеттина години, МЖ не го чисти земјениот дел покрај пругата од дрвјата и жбуновите. Тие годинава поради врнежите бујно вегетираат.
Во овој дел од централното градско подрачје тече и реката Вардар на чиј брег му е потребно „генерално чистење“ од жбунови и засадување на нискостеблести растенија што нема да дозволуваат земјата да се свлекува во речното корито../У.Ј