Грк осуден на 8,5 години затвор за обид преку Македонија да пренесе 309,5 килограми марихуана
Основниот суд во Велес денеска го осуди на 8,5 години затвор, триесет и седум годишниот Е.П од Халкида, Република Грција кој неовластено, за продажба пренесувал наркотична дрога марихуана во количина од 309, 5 килограми во сопствено возило марка „сканија“ со полуприколка „коегел“ наменета за германскиот пазар. Судот му го продолжи притворот на Е.П до правосилноста на пресудата. Тој исто така, како споредна казна, ќе биде протеран од Република Македонија со забрана за влез во времетраење од 10 години од денот на протерувањето. Осудениот има право на жалба пред Апелацискиот суд во Скопје.
Исто така, велешкиот суд ги заплени камионот, приколката, 309,5 килограми дрогата и оризот. По правосилноста на пресудата запленетата дрога ќе се ништи додека камионот со приколка и оризот се одземаат во корист на Република Македонија.
Дрогата во камионот на Е.П ја открија , при контрола, македонските царинирници на граничниот премин „Богородица“ на 28 јануари, годинава. Неа, возачот и сопственик на камионот, ја пренесувал како товар составен од 95 вреќи полни со ориз чија крајна цел била Холандија. Царинарниците во 75 вреќи открија спакувани алуминиумските пакетчиња со марихуана товарени во Атина за да бидат пренесени во Република Германија./У.Ј