Во речното корито на Вардар не треба да има насукани стебла на столбови на мостови и острови насипани од песок, велат стручњаци
Големо стебло на дрво, што го довлекла водата во реката Вардар, со месеци е закачено на десниот столб на мостот „Гемиџии“. Исто толку време во речното корито на Вардар, во централното градско подрачје на Велес, лежи и второ стебло кое единствено со поголем проток на вода би можело да се помести и да запре на столбовите на Стар Мост. Нискиот водостој на реката ги извади овие две стебла пред очите на граѓаните како и гледката со создавање на островче од крупен песок и камен помеѓу мостот „Гемиџии“ и „Мало мовче“. Дел од граѓаните деновиве коментираа за тоа дека местото на стеблата не им е во реката особено не да бидат закачени на столбови на мостови.
Стручни лица пак велат дека не се врши редовно одржување и на речното корито како превентива од поплави. Неотстранувањето на новонастанатите насипи, острови овозможуваат насукување на отпад, стари дрвја и грмушки во коритото на реката и при повисок водостој на Вардар можат да предизвикаат поголеми излевања. Притисокот што го создаваат стеблата секако дека може да предизвика и оштетување на столбовите на постоечките мостови.
Според стручните лица потребно е и редовно одржување на бреговите на реката, и не само на оваа, за навреме да се отстранат исушени стебла, гранки и грмушки и за да не се случи тие да бидат свлечени во речното корито. Тие препорачуваат дека е неопходно да постои стручна служба со соодветна механизација за редовно одржување на коритото на реките. Таа секако дека ќе се грижи и за островите во самата река како што се адите, пред почетокот на меандерот на Вардар кај централниот градски парк и на јужниот излез на градот кај населбата Долни Дуќани, кои сега се во ужасно несредена состојба.
Исто така и граѓаните треба да бидат орјентирани кон поголема грижа со сметот и за одржување на уреденоста на бреговите на Вардар.
Од општина Велес рекоа дека немаат надлежност за вадење на стебла и наноси од дрва од речното корито на Вардар кај мостот „Гемиџии“. Обврската за оваа локација ја има Јавното претпријатие за државни патишта од кое очекуваме одговор на прашањето за чистењето на столбовите на мостот од насуканото стебло и гранките./У.Ј