За велешани, од сабота 28 јули, викенд бесплатен превоз до Езеро Младост
Oд сабота, 28 јули, Општина Велес организира викенд бесплатен превоз на релација Велес – Езеро Младост. Општината ги прочита реакциите на голем број велешани кои на Фејсбук, по затворањето на градскиот базен, не се согласија со донесената одлука и бараа од Градоначалникот Аце Коцевски да го исполни ветувањето за бесплатен превоз летово до езерото. Таа исто така ги сочека и резултатите на анкетата на веб портал во Велес според кои 45% од анкетираните граѓани се изјасниле за користење на организиран превоз до езерото „Младост“.
Тоа значи дека во двата дена од викендот автобус од Велес ќе поаѓа во 10 часот кон езерото и од таму кон градот ќе се враќа во 18 часот. Автобусот ќе ги превезува капачите до и од паркингот кај бродот „Панини“.
Автобусот ќе тргнува од постојката „Багремче“во населба „Тунел“ со запирање на три постојки на улицата „Благој Ѓорев“, кај трговски центар во Нова Населба, кај „Сако Трејд“ и спроти Народниот театар „ЈХК-Џинот“. Потоа ќе продолжи по улица „8 Септември“ со запирање на постојката кај јаворот на плоштад „С’рмаале“. Автобусот ќе заврти по улица „Гоце Делчев“ и ќе запре на постојката спроти паркингот кај Основен Суд за да продолжи по улицата „Алексо Демниевски –Бауман“, кон постојката пред спортската сала „Гемиџии“ и кон постојката во населба „Шорка“ од каде ќе се упати кон паркингот на брод „Панини“ на езеро „Младост“.
Од општината додадоа дека автобусот нема да сообраќа во случај на лоши временски услови. Викенд бесплатниот превоз до езеро „Младост“ е пробна услуга која може да стане и секојдневна доколку граѓаните за неа покажат интерес./У.Ј