Коцевски: Велешани и градоначалникот не им одбија гостопримство на учесниците во Коњаничкиот илинденски марш
Со законски постапки против лица што пишувале навреди и закани по животот и безбедноста ќе се обиде да си обезбедеди лична и заштита на семејството соопшти на денешната прес конференција велешкиот Градоначалник, Аце Коцевски.Тој пред новинарите рече дека освен со неоправдани навреди, дискредитирања, употреба на уличарски зборови деновиве на Фејсбук граѓанин напишал: „Треба куршум за градоначалникот на Велес“.
– Многу ми е жал што постојат такви луѓе полни со негативна енергија кои мора во себе да се длабоко несреќни штом се опседнати со толку лоши и злобни мисли. Центрите кои ја скроиле оваа црна, морбидна кампања знаат дека јас не сум таков каков што сакаат да ме претстават. Тие всушност се плашат од мене, од мојата работливост, од чеснопт, одговорен и домаќински однос, од угледот што го имам кај граѓаните и моето влијание над граѓаните што за нив може да биде голем проблем пред референдумското изјаснување, рече Коцевски.
Градоначалникот најави дека преку Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство ќе ги користи сите правни средства кои произлегуваат од членовите 144 и 319 од Казнениот законик на Република Македонија за да се заштити себе си и семејството од говорот на омраза, навреда и дискриминација како од пишувачите на пораките така и од порталите што поттикнуваат и објавуваат такви содржини со говор на омраза.
Заканата заедно со критиките кои биле упатени до него и се однесувале на неукажаното гостопримство во Велес на коњаниците кои се во состав на Коњаничкиот илинденски марш што помина низ Велес, во саботата на 28 јули. Тој ја соопшти и неговата вистина за маршот.
– Имав средба со двајца претставници на Коњаничкиот илинденски марш. Факт е дека јас сум ги поддржувал нив во претходните два мандати. Не е точно дека јас и велешани сме не гостопримливи. Јас нив ги известив дека поради големите наследени долгови општината не е во можност да финансира сместување и храна за учесниците во маршот со образложение дека организаторот на манифестацијата е од Општина Аеродром, една од најбогатите општини во Македонија, и тие треба да обезбедат средства за финансирање на нивната манифестација како што Општина Велес обезбедува за своите, за Рацинови средби, за Фолклорниот фестивал и за Фестивалот за античка драма. Исто така и по писмен пат ги информиравме дека годинава не ќе може за сместување на коњаницата да се користи градскиот парк затоа што него во утринските и во вечерните часови масовно го користат граѓаните, рекреативци и спортисти. Затоа им понудивме да престојуваат на езеро Младост каде што претходно, повеќе пати имаат престојувано. Ние не добивме одговор од нив се до денот на настанот кога слушнавте што изјавија, рече Градоначалникот.
Коцевски додаде дека општината настанот го најавила и ги поканила граѓаните да присуствуваат преку општинската страна www.veles.gov.mk како и преку фејзбук .
– Јас мислам дека се се сведува за тие пусти пари. Главната причина е тоа што не дозволив да се случува како претходните години кога се испумпувале пари за лицата кои учествувале во илинденскиот марш. Нема друга причина, додаде Коцевски.
Предводникот на коњаничкиот марш пак Гоце, во саботата на 28 јули, пред пристигнувањето во Велес, ни изјави дека откажувањето на Општина Велес поврзано со престојот и преноќувањето во градскиот парк се случило ден пред да стигне коњаницата во градот. Тој во телефонскиот разговор не спомна за други неудоволени барања за учесниците во коњаничкиот илинденски марш. /У.Ј