Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

pitaigemija mix fin

Овој текст сватете го како поддршка на веќе востановените велешки традиции и брендови што последниве години Велес го поставија на списокот на македонски градови со докажана богата и многу стара градска култура и кои имаат потенцијал да ја одржат и продолжат старата и вековна традиција на гемијата и велешката пита – пастрмалија.

Гемијата е вековен стремеж за напредок и просперитет што ја поддржале, низ вековите, бројни велешани, било како остроумни трговци кои смислиле полесен, побезбеден и пред се поевтин начин за трговија по воден пат од Велес до Солун или како гемиџии – градители и управувачи на бродчињата. И едните и другите Велес го издигнале и запишале во редот на трговските градови кои го обележале Балканот и Румелија во 19 век.

Румелиски пашалак или Румелија (на турски: Rumeli, "Земја на ромеите") е назив за поранешна отоманска провинција која ги вклучува земјите на Балкански полуостров, односно денешните современи држави Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Србија и Македонија.

Gemija fin

Макета на Велешка гемија

Многу пати сум пишувал за гемијата како пловно средство за трговија. Повторно ќе кажам дека само од Велес тргувале и сообраќале гемиите по Вардар до Солун . Во Велес се развил кожарскиот занает и започнал да се изработува жолтиот велешки сахтијан, материјал од фино преработена овчка кожа, по кого лудувала тогашна Западна Европа и го плаќала со злато. Тој се носел со каравани, но со гемијата масовно се носел и до Солун , каде трговците имале добар пазар. Особено бил значаен периодот од 1850 до 1857 година, кога се воделе Кримските војни меѓу Турција и Русија, и кога побарувачката на жито нагло се зголемила. Освен тоа, турската војска побарувала и големи количини производи од кожа, како и делови за опремата на војската и стоката, како јажиња, ѓонови за чевли, волна, памук, но и многу други занаетчиски производи.

Од цела Румелија во Велес се носело жито, волна , афион, катран и друга стока со каравани од натоварени коњи, мазги , магариња и камили.
Во Велес се изградиле големи складишта на жито кое преку целата година се транспортирало за Солун. Од десетте најголеми трговци со жито во тогашна Румелија , седуммина биле од Велес и од Башино село. Само во 1857 година била испорачана стока во висина од 105.000 тони и остварен профит од 170.000 турски лири. Ова се податоци од Француската банка, која имала своја филијала во Велес.

Од француски извори дознаваме и за бонитетот и стекнатото богатство на Велешките трговци. Според нив во Велес во средината на 19 век имало 30-тина трговци чии капитал достигнувал 1-2 милиони франкови или приближно 15.000 златни пијастри. Потоа, во втората група биле 20-тина трговци со капитал до 500.000 франкови и во третата група 30-тина трговци со капитал од по 100.000 франкови годишен промет.

Од познатите Велешки трговски фамилии ќе ги споменеме: Весовци, Ѓоргови, Коробарови, Урумови, Кушеви, Шулеви, Дрндарови, Шукареви, Ванови, Хаџи-Панзови, Зафирови, Галистојанови и други.

Трговците формирале трговски друштва со вложување на сопствен капитал, за да можат конкурентно да купуваат стока на пазарите ширум Европа. Тоа биле почетоците на капиталистичките општествени односи.

Тогаш се родила и идеата да се прошири и реконструира коритото на Вардар, за да биде пловен од Солун до Велес и обратно. Бил формиран и мешовит македонско- француски конзорциум со мешан капитал, во кој предничеле велешаните, браќата Урумови.

SnezanaKonevskaRusisogemija fin

Актерката Снежана Коневска Руси со макетата на гемијата

Со гемијата за Солун еден период се носело вино и ракија, произведени во Велес кој во тоа време бил најголем производител на вино и ракија во Македонија.

Иако Кавадарци и Тиквеш, како регион, настојуваат да го докажат приматот на најголем винарски регион во Македонија, во времето од 16 до почетокот на 20 век, не биле ниту приближно равноправни со Велес и велешко, по количината и квалитетот на произведено и продадено вино и ракија.

За производството на вино и ракија во Велес и велешко има запис од 1704 година, од српскиот монах Јеротије Рачанин, љубител на вино,кој запишал дека велешкиот крај е богат и дава извонредно добро вино и ракија што со каравани се пренесувале ширум Балканот. Секако најмногу за Солун. Рачанин запишал дека покрај Христијани и Турци обработуваат лозја и варат ракија и прават вино.

Според тогашните пописи се констатира и процентот на зголемување на производството на вино и ракија во Велешката нахија по години и тоа:
- попис од 1445 година кога биле произведени 305 тони шира. Во 1467/68 година и 1481/82 година производството е зголемено на 944 тона, а во 1544 година се произведени 1386 тони.

Најголеми производители биле жителите на селата Бистрица, Богомила, Карабуништа, Раштани, Башино село , Подлес и Чичево.

Во град Велес во 1445 година се произведени 40 тони, а во 1481 година 143 тони. Поради појавата на болеста „филоксера“ опаднало производството и во 1683 година се пријавени замо 109 тони. Интересно е дека лозарството најголем пад доживеало по 1912 година кога поради Балканските војни многу турски фамилии се одселиле од Велес во Турција и оставиле многу „нерези„, необработени лозја. Само во Башино село биле пријавени 4 донуми „нерези“.

Во Османлиска Турција данок или „мерде“, се плаќал на количината шира која ја давало грозјето, а не на количините вино и ракија кои се добивале. Поради добрите приноси и цената, Турците произведувале и конзумирале вино, кое поради квалитетот било барано и носено надвор од границите на Турција.

Gemijanova fin

Изработена гемија од велешки интузијасти

Но, да се вратиме на гемијата. Во 2014 година во Велес беше направена за прв пат реплика на велешка гемија во природна големина. Во изминатите години се докажа дека таа може успешно, без никакви проблеми и инциденти да плови до Гевгелија. Несомнено треба да се продолжи со практиката и Велес да добие повеќе вакви пловни објекти, кои би биле туристичка атракција, во и онака скромната туристичка понуда.

Исто така, последниве години во државата се организираат многу манифестации наречени „Питијади“ но само велешката може да се нарече „Пастрмајлиада“. Иако постојат многу претенденти за приматот врз ова вкусно јадење, сепак велешани неоспорно ја имаат предноста.

Бренд на Велес треба да биде токму тоа јадење, велешката пита пастрмајлија што се подготвува со пастрма само во Велес и само во градот го има оригиналниот, препознатлив вкус. Тој вкус залужува брендирање.

Pastrmajlija fin

Велешка пастрмајлија

Низ годиниве се изнаслушав разни приказни, кој од кога правел пити и чија била подобра. Пити прават штипјани, ама без јајце и пастрма, неготинчани имаат многу сличен рецепт со велешани, само со потегаво и потврдо тесто, кратовци прават пита слична на штипската, дури и по облик, само што ставаат внатре пушено месо. И сега, како да ги споредуваме? Значи, пити прават сите, сите се добри за јадење, ама пита-пастрмајлија се прави само во Велес ! Поради пастрмата.

Исто така се спореше и пишувањето на името на велешката пита, пастрмајлија или пастрaмалија? И ова е прашање за дискусија. Сепак без разлика што правописно и литературно ова име се пишува пастрмалија него велешани го изговараат пастрмајлија.

Тоа што е секако голема предност е што историски гледано велешани се запишани како производители на питата - пастрмајлија. Ќе потсетам дека турскиот мутасериф, шеф на полицијата, Ахмед паша во далечната 1869 година, во својот извештај за успешната посета на неговата воена единица на Велес, опишал дека на неговите војници велешани им приредиле гозба на која главно јадење била токму оригиналната пита пастрмајлија. Тој дал и детален опис како изгледа велешката пастрмајлија.

vinosise fin

Црно вино и велешка пастрмајлија

Питата - пастрмајлија е брза и едноставна за приготвување. Се приготвува најчесто во зимските месеци; кога ќе залади. Постојат неколку причини зошто е тоа така. Пастрмата, сушено овчко месо, е приготвено значи исушено пред почетокот на годишното време зима. Пастрмајлијата се јаде и залева со вино, најдобро со црно вино. Питата-пастрмајлија е мрсно јадење и бара поладно време за консумација. 

Освен ова од пишани документи дознаваме дека во 1866 година во Велес, како занает бил признат и пастрмајџискиот! Во Велес тогаш имало 14 дуќани – пастрмајџилници , во кои се правела и продавала исклучиво пастрма. Не ми е познато дали постоел и друг град во Македонија, кој во тоа време имал поголем број вакви дуќани и секако производители на пастрма. Во пастрмајџилниците се правеле и продавале два вида на пастрма – овча и козја. Секоја од нив се приготвувала како - многу солена, средно солена и малку солена, поточно пресна, што се употребувала за брзо приготвување во грав, стасана зелка и слично.

Pastrmajlija pesna fin

Кога размислувам за брендираните велешки производи се почесто меѓу нив го вбројувам и производството на велешката пастрма. Можеби велешките производители треба да отидат и да го посетат пазарот во Турција. Таму побарувачката на македонската, а се мисли на велешката пастрма, е огромна.

За крај, ќе констатирам дека Велешката гемиџиска регата и Велешката питијада, како манифестации не треба да згаснат. Тие треба да се трансформираат и да добијат поддршка од сите велешани. Не мора да се потрошат многу пари за нивно одржување, за да бидат успешни. Треба сите заинтересирани фирми и поединци да застанат зад овие манифестации и да помогнат тие да опстојат и да се трансформираат во профитабилни манифестации, кои ќе тежнеат кон самоодржување и понатамошен развој. Велес треба и мора да застане зад своите традиции.

Љупчо Данов,истражувач

Поврзани вести

Web banner Hit Portal Sinalco IceTea 2018 300x250px 01

Најново