Испловија по Вардар учесниците на 20 Вардарска регата „Гемиџии“
Дваесет и пет извидници, членови на Здружението Вардарска регата – „Гемиџии“ како и членови на навива група ,,Гемиџии“ како редовни подржувачи на манифестацијата утрово испловија со гемијата, придружни од чамци, по реката Вардар од кејот под Мало Мовче во Велес. Тие се учесници на дваесеттото издание на манифестацијата посветена на велешката традиција на пловење по течението на реката како и на велешаните познати во историјата како Гемиџии по нивната саможртва за слободна Македонија.
Започнувањето на регатата го означи Градоначалникот Аце Коцевски со фрлањето во вода на венецот и посакувајќи им мирно и безбедно пловење.
– Пораката која ја испраќаме од тука е многу силна оти Гемиџиите се симбол на Велес. Многу знаменити објекти го носат нивното име, тие се светол пример од историјата., кога човек го жртвува најсветото – животот, за каузата, за идејата за Македонија. Нивната мисла ,,Се арчиме за Македонија,, е длабоко врежано во срцата на сите велешани и должни сме да ги негуваме нивните традиции. Ова е добар пример како тоа го правиме во пракса, рече Коцевски.
Годинава регатата ќе трае три дена. Во денешниот ден тие ќе пловат до Пепелиште додека утревечер треба да стигнат во Демир Капија и во третиот ден до Удово. Регатата нема да плови како претходните години до Гевгелија поради тоа што недостигнаат информации колкаво е нивото на водата во Вардар на потегот Удово – Марвинци што според зборовите на Старешнината на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, Ангелче Гушев зборува дека можеби возењето и нема да биде безбедно.
Пред поаѓањето на регатата на кејот на река Вардар и пред спомен обележјето посветено на сограѓаните „Гемиџиите“ повеќе делегации положија свежо цвеќе и им оддадоа почит. Беше организирана и културно уметничка програма.
Одржувањето на јубилејната манифестација, десет години од возобновувањето и дваесет години од востановувањето, со месеци беше главната тема на препирки на граѓани на социјалните мрежи. Побројни беа граѓаните кои пишуваа статуси и коментираа дека годинава Вардарската регатата „Ѓемиџии“ нема да се одржи поточно дека Општина Велес наместо финансиски да ја поддржи манифестацијата ќе ја укине./ У.Ј