Претставени механизмите за финансиска поддршка на ЕУ пред велешани
Делегацијата на Европската Унија пред присутните претставници на граѓанскиот сектор, граѓани, земјоделци, бизнисмени, општинската администрација и Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски денеска ги претстави механизмите на финансиска поддршка како дел од кампањата „ЕУ за тебе“.
Преку работилницата, Делегацијата и ЕУ Инфо центарот ги запознаа учесниците со вкупниот број на грантови линии и буџетите кои овозможуваат подигнување на квалитетот на живот на граѓаните во локалната заедница преку финансирање на проектни идеи. Преставниците на граѓанските организации, на бизнис заедницата, на земјоделците, администрацијата и граѓаните ги посочија проблемите со кои се соочуваат при подготовката на проектите како и ограничувањата што досега биле пресудни за откажување од аплицирањето на повиците на ЕУ.
Раководителот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертолини во Велес изјави дека ова е почеток на кампањата „ЕУ за тебе“ во чии рамки ќе бидат посетени општините во Македонија со цел да се споделат информации со граѓаните кои ќе ги поттикнат да подготват одржливи проекти и да ги конкурираат на јавните повици на ЕУ. Според Бертолини, овие настани имаат за цел да и помогнат на државата, на патот кон ЕУ да ги прилагоди законите, легислативата како и да реши бројни приоритетни проблеми.
-Имавме одлична соработка и одлична работилница. Добивме многу информации за тоа што се случува во овој регион. Ние ја потенциравме можноста од учество со проекти на повиците на ЕУ на локалните граѓански организации. ЕУ учествува со 39 отсто од вкупниот буџет за поддршка на локални проекти, рече Бертолини.
Одговарајќи на новинарско прашање колкаво е учеството на ЕУ во Вардарски плански регион, Бертолини, посочи дека само со проектот за изградба на автопатската делница Демир Капија – Смоквица се вложени 60 милиони евра, пари на граѓаните на земјите членки на ЕУ.
– Вардарскиот регион не е пограничен регион поради што нема можност за меѓугранична соработка со други држави освен со Грција но има голема концентрација на луѓе и други можности за финансиски поддршки од фондовите на ЕУ, додаде Бертолини.
Тој им препорача на граѓанските организации и на локалните власти да преферираат приоритетни проекти, кои содржат суштинско и многу важно решение за граѓаните проблеми, да се вмрежуваат во што поголем број како би можеле да добијат поголем број на финансиски поддршки како регионални така и европски.
Исто така, вечерва во кафетеријата „Ескејп“ со почеток во 18.30 часот велешани ќе разговараат со Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар за заштитата на животната средина и за развојот на земјоделството./У.Ј