Извадоци од минатото на Велес
Листајќи ги летописите и пишаната историја за Велес, дојдов до многу моменти кога недвосмислено установив дека многу историски податоци врзани за градот се одамна запишани, а потоа само со годините препишувани од многу познати и непознати историчари, хроничари, новинари. Во тоа препишување често ненамерно или намерно се правени доста грешки.
Една од најчесто споменувана небулоза е името на град Велес, кој е запишуван како Била (Вила) Зора. Во 1922 година Коста Н. Костиќ ја издал книгата „Нашите нови градови на југ“ во која е запишано дека „во 3 век после Исус се споменува пајонскиот град Била Зора, кој се наоѓал јужно од сегашниот град Велес, подигнат околу Стариот мост на Вардар“. Значи, Костиќ го изедначил стариот град над манастирот „Св.Димитрија“, на висорамнината наречена Голик, со градот наречен Била Зора.
Меѓутоа, уште во 11 век во повелбата на Василиј II се споменува градот Велесон , како дел од битолската епархија. Во 1202 година со друга повелба епирскиот деспот Михајло II градот Велес му го поклонил на царот Јован Ватица. Во 1330 година во еден допис се наведува дека „славниот град Велес“ го ослободил од Грците царот Стеван Дечански, после битката кај Ќустендил, кога ги победил Бугарите, инаку сојузници на Грците. Извесен период со Велес владеел големиот војвода Оливер.
Тој, голем војвода Оливер се состанал со царот Јован Кантакузен „во градот Била Зора“. За таа средба се знае дека донела мир и ја означила и потврдила границата меѓу двете царства. Меѓутоа, по автоматизам некои историчари средбата ја ставиле во градот Велес, кој по грешка го идентификувале како – Била Зора.
Како надополнување на ова констатација да кажам дека професор Лилчиќ пред неколку години го изнесе тврдењето дека дефинитивната местоположба на градот Била Зора е во месноста Градиште, на Ѓуриште кај Свети Николе. Наодите и артефактите во вид на мермерни плочи со натписи недвосмислено покажаа дека локацијата на Била Зора е таму, а не на местото на Стариот град Велес.
Значи, време е да престанеме да го нарекуваме Велес како Вила ( Била) Зора.
Во 1691 година Австријанците на чело со генерал Пиколомини навлегле во Македонија и дошле и го запалиле градот. Во нивните документи Велес е напишан како „богохраними град Велез“.
Уште во 17 век е запишано дека Велес имал владика кој престојувал во Стариот град. Во 1670 година владика бил некој Јосиф, а во 19 век владиката добил звање „митрополит и егзарх на Македонија“.
Во 18 век Велес имал околу 2000 куќи и нешто околу 4000 жители. Бил заграден со ѕидови. На повеќе места имало порти преку кој се контролирал влезот на луѓе и стока во градот. Се споменува дека Велес имал две кули – стражарници, од која едната е денешната Саат кула, а другата се наоѓала над денешната бензинска пумпа на „Лук оил“, на патот кон Штип. Тука имало дрвен ѕид и порта која навечер се затворала. Од изворите се наведува дека тоа било направено поради многуте упади на пљачкашки банди, со кои тогашната турска власт дури и не можела да се справи.
Постојат многу податоци дека во Велес скоро 3 века се одржувал голем панаѓур. Дури во еден период имало два панаѓури, пролетен и есенски. Панаѓурот го завземал просторот од Стар мост до месноста Речани, над денешен Железен мост , а на него имало пазарџии од цела Македонија и пошироко. Се продавале земјоделски производи, грнчарија, занаетчиски производи, ситна и крупна стока, вино, ракија и секако се правела и тришела познатата велешка скара. Посебно се раскажува дека тогаш популарна била „мирис“ улицата, каде се продавале разни зачини. Велес едно време бил град каде се трошеле многу зачини, дел се произведувале локално, а дел се носени од страна. Така се знае дека е нуден локален квалитетен црвен пипер, мелена сол, лут буковец итн.
Според податоците, панаѓурот опстојувал се до 1892 година кога за последен пат е организиран. Во тој период Велес бил голем производител на афион, тутун, ориз, сусам и памук.
Најдоходовен бил афионот и производството на опиум. Во 1889 година, според турски извори, се произведени 8.000 оки опиум, а во наредната година дури 13.000 оки. Турските власти организирале јавен откуп на опиумот на градскиот пазар, каде доаѓале трговци дури од Дубровник и Венеција, кои биле запознати со одличниот квалитет на велешкиот опиум. Оној кој сакал да го продаде опиумот имал можност да добие соодветна цена според квалитетот на опиумот. Проценката ја вршеле овластени турски проценители, кои веднаш наплаќале такса за откупениот опиум, која по половина ја плаќале купувачот и продавачот. Исто така мерењето се вршело со две ваги, паланци, и количината на опиумот морала и на двете ваги да биде идентична за да нема сомнежи и неправилности.
Велес бил град познат по производство и продажба на вино и ракија. Според расположливите податоци велешките винари овие производи ги продавале во Дупница, Радомир, Ќустендил, Софија, Куманово, Крива Паланка, Прилеп, Малешевијата, Скопје, Солун. После 1877/8 година по завршувањето на руско-турските војни, трговијата нагло престанала бидејќи повеќето градови со кои тргувал Велес веќе не биле во состав на турската империја.
Запишано е дека од Велес за Австрија и Германија во 1858 година тргнал караван со 400 добици, коњи, мазги и камили. Тоа е најголем караван кој воопшто тргнал од Велес некогаш. Велешките трговци носеле сахтијан, волна, памук, занаетчиски производи, афион, тутун, ориз, вино и ракија.
Интересни се записите за трговијата со Виена и Солун. Од Солун се носеле англиски памучни и волнени штофови, колонијална стока , разна железарија. Од Виена пак се носени модни новитети, како женски шапки, свилени кошули, здолништа, памучни и волнени женски штофови, креми, шминки итн. Значи, велешанки ја следеле модата и сите модни новости, а тоа се гледа и по модните каталози кои по пошта пристигнувале во Велес. „Бел епок“ стигнувал и во Велес.
Љупчо Данов