Велешанецот Михајловски на велосипед до Брисел
Непоколебливо и храбро, по пет месеци од операцијата канцер на дебело црево и преживеан инфаркт, велешанецот Ване Михајловски, со неговите верени другари – велосипедот и фотографскиот апарат, тргнува на пат кон Европа. Стартот на велосипедската тура ќе биде Велес поточно неговиот дом, ноќеска во 3 часот по полноќ, а целта градот кој е центар на Европа и во кој се донесуваат одлуки што се значајни за граѓаните на државите на ЕУ. Михајловски овој подвиг го планирал одамна, уште пред да биде донесена одлуката за спроведување на референдумот во Македонија. Како вљубеник во природата, планинар и фотограф, неговата цел пред се била да ги охрабри и поттикне болните граѓани да не се затвораат во своите домови.
-Сакав да ги поттикнам граѓаните болни од канцер кога ќе ја слушнат веста за болеста наместо да легнат на постела и да чекаат да починат да бидат физички активни. Зборот канцер не значи дека ќе умрат, напротив тие треба да се борат за животот, рече Михајловски.
Неговата борба за живот трае со години иако операцијата се случи пред пет месеци. Во неа најголема поддршка добива од велосипедот и фотографскиот апарат со кои Михајловски во изминатите 18 години го гледа раѓањето на секое наредно утро и го живее секој нов ден. Тие се поттик и на неговиот нескршлив дух. И токму тие досега го однеле на бројни планински рути и освоени височини од каде им се насладувале на убавините на родната Македонија.
-Кога се соопшти датумот за референдумот тогаш донесов одлука дека ќе возам до Брисел. Мојата порака до граѓаните е да излезат и да гласаат. И тие кој живеат во Македонија и тие кои живеат надвор од неа, независно дали ќе гласаат за или против. Нам местото ни е во Европа не е на друго место, рече Михајловски.
Пред него, од утре рано наутро па во наредните 18 дена, ќе се распостелат вкупно 2.179 километри. Секој поминат километар ќе биде една победа а секој нареден – нов предизвик. Михајловски е убеден дека турата може да ја извози и за 15 дена.
– Се надевам дека ќе стигнам во Брисел за 15 од планираните 18 дена. Очекувам мирно небо и помалку ветер а доколку го има нека биде ветер во грб. Интензивно се подготвував во последните два месеци, рече Михајловски.
Тој се заблагодари на помошта од Министерството за надворешни работи кое му помогнало да ги среди потребните документи, да го организира минувањето на границите, да ги информира Амбасадите во земјите низ кои Михајловски ќе го води велосипедската рута до крајната цел Брисел како и на велешката фирма „ Супер 5“ што финансиски го помогнала неговиот нов животен предизвик. Тој особено се радува на средбите и гостопримството што му е укажано од пријатели во Бачка Паланка и од сограѓани во Виена. На крајот на денешната средба со новинарите Михајловски им вети многу фотографии и импресии штом се врати дома од Европа./У.Ј