Петров: Сo членство во НАТО, иднината е сигурна – неизвесноста е минато!
Македонија ќе биде рамноправна земја-членка во најголемиот и најмоќниот Сојуз во Светот. За Македонија тоа значи да застанеме на мапата на безбедни и сигурни бизнис дестинации, рече денеска во обраќањето кон граѓаните на Велес претседателот на правниот сектор во СДСМ, Душко Петров.
„Во исто време, со нашиот влез во Алијансата би се отвориле и границите за домашниот бизнис. Тоа значи подобрување на состојбите во економијата, кои позитивно ќе се одразат и на животниот стандард на Македонските граѓани. Интеграцијата во НАТО има позитивно влијание врз развојот на инфраструктурата, нови патишта, железници, комуникациски и енергетски системи.
Анализите покажуваат дека економиите на сите земји, по влезот во НАТО Алијансата бележат двојно и тројно зголемување на странските инвестиции.
Црна Гора, земја членка на НАТО од Април 2017 година, само за една година бележи двоен раст на инвестициите, од 96 милиони евра на 215 милиони евра во 2018 година. Исто така, Црна Гора бележи и 25%раст на туристи, кои доаѓаат од НАТО земји-членки.
Една година откако стана членка, во Бугарија инвестициите пораснале за цели 36% – од 7,5 милијарди евра во 2004 на 11,5 милијарди евра во 2005 година.
Тројно зголемување на инвестициите се случува во Естонија, по влезот во Алијансата. Од 775 милиони евра инвестиции во 2004 година, за само една година – во 2005 инвестициите пораснуваат на 2 милијарди евра.
Стратешка определба на Република Македонија е да стане 30-та земја членка на НАТО.
Затоа, на 30-ти Септември да излеземе ЗА Македонија ! За Македонија 30-та земја членка на НАТО Алијансата.“ рече Петров.