Здравковски: ВМРО ДПМНЕ секогаш се залагала за влез на Македонија во ЕУ и НАТО меѓутоа не смееме да поддржиме ваков капитулантски договор
„На вчерашниот собир за европска Македонија, се изнесоа многу лаги и невистини. Задскивајќи се зад ЕУ, СДСМ и нивните коалициони партнери сакаат да го протуркаат договорот со Грција на мала врата,“ рече во денешната изјава Игор Здравковски претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ.
„Најпрво сакаме да ве предупредиме дека грешниот наслов на кампањата ве носи во грешна насока. Дали е само доволно да излезат граѓаните да гласаат, неважно за кого, само да се оствари планираниот фалсификат на СДСМ и нивната коалиција? Дали под тој погрешен наслов тие сакаат да си ги прикријат своите криминали? Наведено е дека биле за европска Македонија. Во Европа не се оди вака. Со ваква економија, со раст од 0,1% , со ваква локална политика каде што криминалците ги држат сите конци во рака, ние сме многу далеку од ЕУ. Секојдневно сме сведоци на нови задолжувања а ни ветуваат дека ќе сме добивале по 260.000 евра секој ден.
Нашите задолжувања се многу поголеми од тие директни донации од Европската Унија. Тие прават споредби со Романија, со Бугарија, со Црна Гора каде што граѓаните по природен пат се исселија и некаде за околу 30 % од нивното население кое што се наоѓа во странство кажуваат дека бил намален процентот на невработеност.
Ни ги носат тука премиерката на Велика Британија, Тереза Меј и канцеларот на Австрија Себастијан Курц а Тереза Мејн штотуку потпиша дека В.Британија ќе излегува од ЕУ додека Себастијан Курц и неговата држава не се ниту членови на НАТО. Цела Европска Унија дојде да ни каже дека треба да се самоукинеме. Ние треба да знаеме дека со самоукинување не се влегува во ЕУ. Ние исто така треба да знаеме дека само со работа можеме да напредуваме, само во нашите глави се наоѓа напредокот, не се наоѓа ни во промената на името ниту во поразителниот договор со Грција.
Исто така ОК на ВМРО ДПМНЕ сака да постави едно прашање: Каде е господинот Панче Иванов? Оној господин кој што дваесет и четири часа го чува полицијата од сопствениот народ. Тој вчера немаше храброст да излезе и да објасни пред граѓаните на Велес каде оди оваа наша држава.
Ставот на ВМРО ДПМНЕ е добро познат, ние секогаш сме се залагале за влез на Македонија во ЕУ и НАТО меѓутоа не смееме да поддржиме ваков капитулантски договор. Со овој договор сами ќе се уништиме, сами ќе си ја потпишеме нашата капитулација и самите ќе си пресудиме за секогаш. Од овој договор самите сме свесни дека нема враќање назад па затоа ВМРО ДПМНЕ не сака да биде вклучена во оваа манипулација на владата,“ рече Здравковски.