Во велешка болница извршена прва артроскопска интервенција на рамо
Додека на Ренген одделението во велешката болница се заменуваше цефката на апаратот Компјутерски томограф, што скоро една година не работеше, денеска, во операционата сала на хирушкото одделение Проф. д-р Златко Темелковски од Клиниката за Ортопедија во Скопје и д-р Зоран Арсовски специјалист по ортопедија во велешката болница ја извршија првата артроскопска интервенција на рамо.
– Да се заблагодарам на менаџментот на велешката болница што ги отвори вратите за извршување на овие т.н мини инвазивни методи кои во иднина ќе се викаат еднодневни хирушки интервенции. Метода што ќе ја користиме при интервенцијата на народски речено „смрзнато рамо“ кое пациентот не може да го движи во ниту еден правец а се создало како резултат на повреда е многу кратка, трае 30 до 40 минути, нема голем потрошен материјал, за време на интервенцијата не се работи за отворена хирургија туку за ендоскопско решавање на здравствениот проблем на пациент и ја скратува рехабилитацијата на пациентот. Мислам дека оваа интервенција е само почеток на нештата, рече проф. д-р Темелковски.
Тој додаде дека ги почитува младите колеги како што бил д-р Арсовски со кого професорот избра да ја реализира првата артроскопска операција во државата надвор од скопската клиниката за ортопедија и соопшти дека ќе следат и други интервенции на пациенти кои по квалитет ќе бидат на исто ниво како и на скопската клиника. Во исто време соопшти дека ќе биде на располагање и за други ортопедски интервенции.
– Се ке зависи од опремата во болницата во Велес, која што ќе ни треба за да се прават т.н лигаментарни трансплантации кои ако веќе сме ги направиле во Прилеп зошто да не ги направиме и во Велес. Мислам дека е подобар овој начин кога лекарот доаѓа кај пациентот а не пациентот да трча по скопските клиники, да биде ставан на некакви листи на чекање и да се шират приказни за некакви манипулации. Исто така ќе се намалат и финансиските трошоци на граѓаните за патувања, па и стресот а ќе почнеме заедно со колегите во велешката болница да ги спроведуваме и рехабилитационите протоколи. Катланово е многу блиску до Велес. На крајот да кажам дека оваа болница во иднина треба да биде клиничка и тоа број 1 особено во делот на ортопедија и урологија, додаде проф.д-р Темелковски.
И д-р Арсовски како и неговиот ментор д-р Темелковски очекува веќе во текот на утрешниот ден пациентот да има добри движења и да го започне процесот на рехабилитација.
– За пр пат со проф. Д-р Темелковски ќе работиме артроскопија на рамо иако досега работевме на колено и тоа е значаен момент како за велешката болница така и лично за мене но и за пациентите кои постојано ги упатуваме во Скопје. Постојат поголем број на пациенти со вакви индикации кои се надевам дека во иднина ќе ги промовираме секако со поддршка од директорот на болницата поради опремата што е потребна за работа. И се надевам дека ќе можеме исто така да работиме лигаментопластика, рече д-р Арсовски.
Двајцата лекари најавија дека резултатите од првиот зафат, што денеска го извршија, ќе ги соопштат утре, четврток 13 септември.
Директорот на ЈЗУ Болница Велес, д-р Димитар Стровјановски пак соопшти дека во услови кога за 400 илјади евра е намален вкупниот наследен долг на здравствената институција од еден милион и сто илјади евра веќе се издвоени 100 илјади евра за инвестиција. Со овие средства се распишани тендери или се вршат набавки на медицински апарати за реализација на минимално инвазивни операции на мочен меур и простата како и за набавки на вештачки колкови што ќе се вградуваат во болницата и други интервенции./У.Ј