Д-р Арсовски: Првата артроскопска интервенција на рамо во велешка болница е успешна
Успешно завршената операција на „мрзливо рамо“ во велешката болница што ја извршија проф. д-р Златко Темелковски од Клиниката за ортопедија во Скопје и специјалистот по ортопедија во ЈЗУ Болница Велес ,д-р Зоран Арсовски над педесет и седум годишен велешанец на пациентот му ги скрати секојдневните болки и му овозможи подобрување на здравствената состојба.
-Движењата на раката, особено во пределот на рамото, се зголемени. Пациентот може раката полесно и побрзо да ја движи во сите правци, горе – долу и лево – десно, што претходно беше спречено и болно за него. По дваесет и четири часовниот престој на одделението за ортопедија каде престојуваше постоперативно тој веќе е пуштен на домашно лекување со напомена дека ќе треба да биде вклучен во неопходната физикална рехабилитација за целосно да завршат здравствените проблеми со кои пациентот се соочуваше, рече д-р Арсовски.
Тој и проф. Д-р Темелковски во средата, на 12 септември, во операционата сала на хирушкото одделение на ЈЗУ Општа болница Велес ја извршија првата артроскопска интервенција на рамо , надвор од Клиниката за ортопедија во Скопје.
Како лекарски тим тие најавија дека ова нема да биде единствена интервенција за решавање на здравствени проблеми на граѓаните затоа што со вакви последици претежно здобиени од повреди имаат повеќемина граѓани на Велес. Пациентите наместо да одат во Скопје и да бараат термини на Клиниката за ортопедија здравствената услуга ќе ја добиваат во велешката болница.
Двајцата лекари најавија, исто така, дека ќе се посветат и на интервенции со кои во велешката болница ќе се извршуваат и лигаментарни трансплантации чиј почеток единствено зависи од докомплетирањето на медицинската опрема./У.Ј