Заврши судскиот процес за смртта на родилката Кадиева – пресуда за седум дена
Тројцата лекари од гевгелиската болница, обвинети за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното штотуку родено бебе, на 13 септември, во судницата на Основниот суд во Велес искажаа сочувство до семејството но исто така рекоа дека тие не се виновни. Освен завршните зборови на обвинетите, меѓу кои е и анестезиологот д-р Томо Ванчев кој како првообвинет меѓудругото рече дека никогаш нема да и се врати на професијата во завршниот збор Обвинителката побара тие да бидат прогласени за виновни поради тоа што наместо како тим дејствувале поединечно. Со неа не се сложија бранителите на лекарите кои останаа на тврдењата дека обвинетите не се виновни.
– Обвинителството беше должно во фазата на истрагата да ги испита сите можности и да ги утврди сите факти па да подигне обвинение. Во завршниот збор Обвинителот ретерираше од се. Значи неможе да се донесуваат пресуди или да се покренуваат постапки на база на медиумски притисок. Очекувам ослободителна пресуда и сметам дека судот ќе ја утврди вистината,рече Милан Трајанов – адвокат на обвинетиот д-р Томчо Ванчев.
Велејќи дека е задоволен што конечно заврши судскиот процес иако низ него морал да го преживува трагичниот момент на загуба на сопругата и штотуку роденото дете, сопругот на Маја и татко на новороденчето што почина, Димитрија Кадиев смета дека лекарите се виновни. Тој тоа го аргументираше со констатацијата дека анестезиологот бил во алкохолизирана состојба кога интервенирал врз неговата полината сопруга што гинеколозите го дозволиле.
– Во завршните зборови се откри дека тоа што се случувало не било случајно. Мојата сопруга замина во болница здрава а сега знаеме каде е. Не само што слушав во судница туку јас пијаните ги видов. Ако имало одговорност тогаш немало да бидат обвинети. Кога губи, губи цел тим а не само тој што ги прима головите. Сочувствоти и жалењето што лекарите го кажаа во судница е најмалку значајно во овој момент. Ако имале чувство на совест и вина тогаш тоа што го започнале таа вечер, на 22 октомври 2015 година, тогаш тие немало тоа да го прават. Значи нивната свест проработува во момент кога веќе се виновни, рече Димитрија Кадиев, сопруг на починатата родилка Маја Кадиева
Судијката Габриела Гајдова пресудата ќе ја соопшти на 21 септември. Инаку, според Обвинителниот акт, анестезиологот Томо Ванчев и гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов направиле низа пропусти кои се одразиле врз животот на родилката. Вештаците пак утврдија дека Маја Кадиева починала од задушување по изведена интубација додека одбраната на обвинетите лекари тврди дека родилката починала како реакција од лековите за анестезија. /У.Ј