Делумно „обелено“ грдото лице на Велес во денешната еколошката акција , Градоначалникот најави воведување на казни
Овој куп со смет го открија учесниците во денешната еколошка акција во близина на реката Вардар под руинираното фудбалско игралиште во месноста Дворови. Него го создале граѓани кои освен што фрлаат смет дека не покажуваат грижа ниту кон урбаната опрема и детските реквизити покажува глетката пред популарно наречената ХИВ-ска зграда. Таму по репарацијата е украдено железното вовче наменето за игра на децата.
Оваа депонија со шут се наоѓа на брегот на реката Вардар, позади три бесправно поставени гаражи, на улицата „Трајко Панов“.
Стариот дрвен кревет и душеците беа фрлени на брегот на река Вардар, во дворното место на Домот на НВО, заедно со купишта од шут.
Купот со песок пред Домот на НВО, изведувачот на градежните работи поточно на поплочувањето на улицата „Трајко Панов“ го оставил пред неколку години.
Денешната еколошка акција за чистење на делови од градот од смет го откри грдото лице на Велес што секојдневно го создаваат несовесни граѓани. Грдото лице на Велес денеска го „белеа“ сто педесет вработени во општина Велес, во јавните институции како комуналното претпријатие „Дервен“, Народниот Музеј и Народната библиотека „Гоце Делчев“ кои учествуваа во големата еколошка акција на Светскиот ден на чистењето.
Тие собраа околу 63 м3 смет и отпад создадени на депонии во близина на реката Вардар, поточно, во паркот покрај ХИВ зградата и спортското игралиште на средното училиште „Јовче Тесличков“ како и на локација од улица „11 Октомври“,кај малото пазарче се до ул: „Индустриска“ кај БРАКО.
Особено голем интерес во акцијата, со учество од 2 илјади, покажаа наставниците, професорите и учениците од основните и средните училишта во Велес.
– Морам да го изразам моето разочарување од многу малото учество во акцијата на преставниците на граѓанските организации особено на еколошките, кои треба да предводат и да бидат лидери во акциите. И особено никаквото учество на нашите сограѓани кои гледаат сеир од терасите и прозорците на зградите и куќите но никој од нив не се вклучи во акцијата. Тоа значи дека во наредниот период мора да работиме на менување на еколошката свест и совест да станеме поодговорни затоа што колку и да вложуваат напори ЈКП Дервен и општината за чистење на градот и одржување на хигиената доколку граѓаните не се навикнат на урбано и културно живеење нема да ни биде никогаш чист градот, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
Тој најави дека ќе превземе санкции против одговорните во општината за одржување на хигиената во Велес.
– Тоа што утрово го видов во парковите, во близина на брегот на река Вардар и позади зградата на Домот на невладините организации во Дворови, огромните купишта со шут, троседи,двоседи, каучи и душеци значи дека многу наши сограѓани се несовесни и неодговорни. Како и дека ни вработените во општината кои се одговорни за тоа ниту вработените кои се одговорни во ЈКП Дервен не ја извршуваат работата. Одговорноста мора да се подигне на многу повисоко ниво. Ние вакви акции ќе организираме неколку пати во текот на годината а овој ден 15 септември ќе стане традиционален за организирање на еколошки акции, додаде Коцевски.
Одговарајќи на новинарски прашања, Градоначалникот, рече дека граѓаните кои не се вклучуваат во еколошките акции можеби се делумно во право и тоа само ако незадоволството се однесува кон вработените во комуналното претпријатие и во општината кои ги плаќаат со свои пари за да ја одржуваат хигиената во Велес додека за фрлениот отпад и смет насекаде низ градот воопшто не се во право. Фактичката состојба не можат да ја средат ниту 500 метачи, додаде Коцевски, порачувајќи дека е потребно отпадоците да се фрлаат на соодветните места како што се корпите и контејнерите. Тој се осврна и на едукативниот аспект.
– Во воспитнообразовниот процес не треба да се става акцент само на образованието туку и на воспитувањето, уште од детските градинки па во основните и средни училишта. Тоа е многу важен сегмент за да изградиме од децата културни граѓани со добри навики на урбано – градско живеење. Во комбинација со воведување на казни за возрасните граѓани сметам дека работите ќе вродат плод, рече Коцевски.
Глетката што по еколошката акција ја имаат исчистените јавни простори, особено зелените површини, останува да ја сочуваат граѓаните. Грижата е подеднаква на сите кои живеат таму и на останатите граѓани затоа што сите ги уживаат благодетите особено нивните деца кои минуваат или играат на јавните градски површини./У.Ј