Берберскиот занает, меѓу ретките, во Велес што има иднина ако државата го заштити и поддржи
Според некои пишани документи ,кон крајот на 18 и почетокот на 19 век, во Велес имало повеќе од 150 берберници во кои работеле над 400 мајстори, калфи и чираци.Како минувале годините така и бројот на берберниците се намалувал. Во педесетите години на минатиот век, според кажувањата на познатиот велешки бербер Љубе Драскачев, во Велес имало над педесет берберници и три фризерски салони. Берберници имале мајстори од сите националности, но најбројни биле Македонците.
Во старата велешка чаршија на левата страна, која била надалеку позната, работеле берберите: Илија Јанев, Киро Андов, Лазо Игнов, Трајко Андов, Петре, Васил, Јовче, Коце, Филимон Цеков, Димче Нечев и други. На овие мајстори им помагале калфи и чираци. Берберниците биле секогаш полни со граѓани и подготвени исто така за шеги и мајтапи.
Во чаршијата дуќани имале и Турците, Сури Малик и неговиот брат Јаја Малик, кои занаетот го научиле од нивниот татко. Берберски дуќани имале и Демир, потоа Оџата, Наџи, Алче, Џевид и Малик.
На главната улица, на десната страна на Велес, берберници имале познатите браќа Димко и Ѓело Подалешови, потоа Кочо Таков, голем мајстор на кого многумина капа „му симнувале“ како и Орце Накинот. Таму, заедно во еден дуќан, работеле и берберите Кочо, Иле и Љубе, потоа работата ја продолжиле Љубе и Коле, па познатиот бербер Петре Меанџија, кој покрај берберница имал и фризерски салон. Во тој временски период на чаршијата исто така мајстори бербери биле уште и Онче Боце, Киро Паун, Пеце Кошин и Ѓоре Горгиев, кој подоцна станал продавач на месо.
Како ортаци работеле и берберите Бано, Џапала и Миле Климкар, па Страшо и Димче Дебарлиеви, потоа Илија Давчев и Ристе Танев како и Богдан и Димко.
На главната улица на левата страна на градот свои берберници имале Борис Шојлев, Коле Шумар, Мимата, Ило Шутика, Живко Левков, Трајче Меанџија, Љубе и Менде како и Крсто Џипун и Трајко.
Берберници имале и познати мајстори на Којник како што биле Благој на Траја, Прличко и Коле Арсов. Во оваа месност во градот сеуште работат берберниците на Бошко и Јоцо.
Пред ослободувањето фризерници, покрај Петре Меанџиев имале и Орце Црното и Орце Драскач.
Како се зголемувало населението во Велес и како градот многу брзо почнал да се шири кон денешниот Нов Велес така се зголемувал и бројот на берберници и на бербери.Се до деведесетите години на минатиот век, кога развојот на технологијата влијаел секако и врз овој занает па за кратко време почнал да стагнира а потоа и да изумира. И воведувањето на новите закони придонеле да се намали интересот на чираците и калфите без кои мајсторите останувале сами во берберниците кои пак со зголемувањето на давачките песудно било да носат одлуки за ставање на катанците на влезните врати.
Па така од некогашните над 200 денес во Велес, град со околу 50.000 жители, останати се само десетина берберници и нешто повеќе од дваесет фризерски салони. Тие добро работат но за занаетот интересот на младите е мал.
Мајсторите бербери се уверени дека овој занает има иднина што треба да ја помогне државата преку измени во Законот за чираци, субвенции и бенифиции со што нема да дозволи да се повтори судбината на терзискиот, ковачкиот, калајџискиот, сарачкиот, самарџискиот и останатите занаети кои заминаа во заборав. Чаршијата и занаетчиите му се потребни на секој град, секако и на Велес за да продолжи да се негува традицијата на овие простори без која неможе и историјата на секој народ и секоја држава.
Стоилко Андреевски