Велешката болница со повисок ранг, регионална, штом профункционира ургентниот дел
Велешката ЈЗО Општа Болница по ставањето во функција на Ургентниот центар ќе биде регионална болница. Ургентниот дел ќе дава здравствени услуги со целосна дијагностика за поширокиот регион поточно од Вардарскиот регион. Овие информации ги соопшти денеска Министерот за здравство Венко Филипче кој дојде во болницата за да го проследи процесот на работа на компјутерскиот томограф што по една година повторно е ставен во функција. Сменета е цевката на медицинскиот апарат, особено значаен за прецизната дијагностика во повеќе медицински гранки, за што министерството платило 100.000 евра.
– Разговаравме и за набавка на евентуално нова опрема во болницата. Постои барање од ренгенолошката служба за набавка на Магнетна резонанса, што сериозно ќе го разгледаме, бидејки целиот регион на повардарието нема ваков медицински апарат. Би потенцирал дека оваа служба ќе работи 24 часа и ќе дава здравствени услуги за дијагностичките процедури за пациентите од целиот регион. Со оглед дека во оваа болница работат пет лекари специјалисти ренгенолози и сосема доволен број на ренген техничари како и тоа дека сите се експерти во своите области и имаат знаење во дијагностика на болести на дојка а ние во Министерството сме во постапка на набавка на неколку еха за дојка преку два проекти од кој едниот е преку Амбасадата на Италија во Македонија а другиот е донација од државна институција оваа болница ќе добие таков апарат штом постапките ќе завршат, рече Министерот Филипче.
Ургентниот центар во велешката болница е сместен во приземјето. Таму се реализираат градежните работи. Просторот се реновира и адаптира за да биде ставен во функција на прва медицинска помош и проценка на здравствената состојба на пациентите кои не ќе треба веднаш да се качуваат на катовите. Ургентниот дел се наоѓа веднаш до Ренген одделението.
– Пациентите првата здравствена услуга ќе ја добиваат токму во овој простор, во приземјето и не ќе мора да се качуваат со лифтови по одделенијата. Паралелно со овие градежни зафати ги сменивме водоводните цевки, стари 50 години, кои ни покажуваа дневна загуба на питка вода од 60 тони. По европски модел, шалтерот што е тука, ќе им овозможи на пациентите да ги завршат потребите од пријавување и одјавување во болницата. Завршени се постапките за набавка на апаратите за минимално инвазивни и уролошки интервенции. Бо болницата може да се изведуваат интервенции на вештачки колк и минимално инвазивни интервенции од областа на ортопедија и трауматологија, артроскопии на колено, зглоб на рамо и скочен зглоб. Ова е се во склоп на достапност до пациентите на сите услуги што ги дава болницата, рече директорот д-р Димитар Стровјаноски.
Компјутерскиот томограф особено е значаен во дијагностиката поврзана со внатрешните крварења на пациентите и не е помалку значаен за хирурзите, ортопедите, гинеколозите и интернистите.
Исто така ,Министерствата за здравство и за финансии на ЈЗО Општа болница Велес, и одобриле вработување на вкупно 42 работници. Од нив 27 се медицински кадар додека останатите се административни работници и технички персонал.
Според директорот Стровјаноски станува збор за обезбедени финансиски средства за 5 лекари кои веднаш ќе се упатат на специјализација и тоа по еден на гинекологија, хирургија, неврологија, педијатрија и ренген дијагностика. Болницата ќе распише оглас за прием и на лекари кои ја завршиле специјалзацијата поточно по еден физијатар, психијатар, двајца хирурзи, двајца гинеколози, еден Социјален работник и еден Клинички Психолог.
Јавната здравствена организација ќе отвори работни места и за средностручен медицински персонал, поточно за 10 медицински сестри, 2 акушерки, 1 ренген техничар и 1 лаборант. Последниве заедно со 14 работници што ќе бидат примени како технички персонал, болничари и хигиеничари, до крајот на годината ќе работат со склучени договори за работа на дело за потоа, на почетокот на 2019 година, по донесувањето на државниот Буџет да бидат примени на работа со решенија, рече д-р Стровјаноски. /У.Ј