Војдиновска: ЕУ поттикнува развој на млади, преку развој на младински асоцијации, мрежи и иницијативи и стимулира меѓународна соработка меѓу младински организации
Една од главните цели на Европската Унија во поглед на младите е, секојдневното креирање на европски политики, кои промовираат активност на младите, одговорно граѓанство и подобри можности за образование, вработување и квалитетен спорт, рече во денешното обраќање кон своите сограѓани европската карате судијка Климентина Војдиновска. Таа додаде:
„За таа цел, младите европјани, европските граѓански движења, владини агенции и експерти учествуваат во постојани консултации за политичките цели и праксата на поле на европската младина. Европската Унија го поттикнува развојот на младите, преку развој на младинските асоцијации, мрежи и иницијативи и стимулира меѓународна соработка меѓу младинските организации.
Спортот е уште една област, каде активностите на Европската Унија се раководат со Европската културна конвенција.
Европската Унија создава етички, безбеден и здрав спорт, спорт достапен за сите, преку најширока можна соработка и соодветна распределба на одговорностите помеѓу владините и невладините организации.
Постојат блиски врски меѓу физичките вежби и здравјето и затоа Европската Унија вложува огромни средства во развојот на спортот.
Европската Унија ја одликуваат и повеќе Конвенции во областа на спортот, како што се : Конвенцијата за анти-допинг, Конвенција за ненасилство на навивачи и лошото однесување на спортските натпревари итн.
Европската Унија става посебен акцент на социјалната кохезија преку спортот, со обезбедување на спортски програми за малцинските групи и инвалидите.
Почитувани сограѓани,
Европската Унија е семејство на модерни и цивилизирани граѓани, на среќни млади луѓе со светла иднина и неограничени можности за напредок и развој, млади луѓе на кои им е достапен спортот и спортувањето во најмодерни спортски центри, изградени по најмодерни стандарди.
Во квалитетниот спорт е иднината на младите и здрави генерации, а во сите нас е шансата да ја поведеме државата во модерна и цивилизирана Европа, во Европа без граници, во европското семејство на стабилност и безбедност!
Одлуката за иднината да ја донесеме во заедништво!
Да го дадеме нашиот глас на претстојниот Референдум, ЗА Европска Македонија !
Заедно сме посилни, сите заедно, сите млади во Македонија, да се обединиме во различностите, да ја поведеме Македонија НАПРЕД КОН ПОСВЕТЛА И ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА !,“ рече Војдиновска.