Здравковски: СДСМ за една година изгуби точно 3531 граѓански гласови во Велес
Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Велес Горан Здравковски денеска во име на највисокото партиско тело им изрази, како што рече „огромна благодарност на сите велешани за покажаната висока демократска и патриотска свест, на начин што одлучија да не дадат поддршка на договорот за промена на уставното име, идентитетот, историјата, јазикот и традицијата на Република Македонија“.
Со тоа Велес и велешани, покажале дека се достојни наследници на Гемиџиите, на Рацин, Брашнаров, Главинов и еден куп големи Македонци, дека и покрај сите притисоци од индивидуалци кој се вршители на функции во локалната и централната власт, тие достојно останале на својот став за „ неприфаќање на штетниот договор со Грција“. Здравковски додаде:
– Ние постојано кажуваме дека сите сме за Македонија во Европска Унија, за Македонија во НАТО, но не смееме по цена на губење на достоинството и виткање на кичмата да прифаќаме самоуништувачки договори.
Овој неуспешен референдум, сега можеме да констатираме дека е една неуспешна анкета спроведена од страна на СДСМ и нивните коалициони партнери за која се потрошија огромна сума на пари кој беа наменети за обезличување на граѓаните.
Во општина Велес, СДСМ за една година изгуби точно 3531 глас, односно од добиени 15.962 гласови на локалните избори, референдумот го поддржаа 12.431 граѓани или во проценти тоа е околу 20% губење на поддршката. Катастрофалната економска политика на централно ниво со 0,1% економски раст, криминалните тендери во четири очи, срамниот договор со Грција со кој требаше да се откажеме од сите светости, манипулациите на Аце Коцевски, штетните и антимакедонски потези на Панче Иванов, нетранспарентното работење, немање дебати и јавни расправи по прашања кој се од огромна важност за граѓаните, партиските вработувања без никакви критериуми се вистинската причина за губењето на гласовите на СДСМ“, рече Здравковски.
Тој констатраше дека изгубените гласови на нивните политички ривали исто така се должеле на покажаната нула кога биле во прашање ветените проекти од изборната програма на СДСМ „ Живот за сите “ и посебно ги издвои ветените и не реализираните капитални проекти во 2018 година за Затворен пазар, Катна гаража, атмосферска канализација на улиците во високите делови на Велес како и не реализираните помали зафати.
– Нив никаде ги нема и тоа придонесе за падот на поддршката од 3531 граѓанин за СДСМ во Велес.Велешани ги прочитаа Зоран Заев и СДСМ, ја видоа нивната погубна политика и затоа опадна нивната поддршка помеѓу граѓаните, а и во периодот што следува дополнително ќе се намалува.На крајот на краиштата од овие политики најголеми губитници се граѓаните на општина Велес и токму затоа тие Ве казнија, им порача Здравковски на политичките опоненти.
Тој на крајот констатираше дека Велес отсекогаш знаел да препознава идеја, искреност и работа и ги повика велешани во периодот што претстои да ја поддржат битката на ВМРО ДПМНЕ се до конечната победа. /У.Ј