Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

naslovna fin

Старите велешани се снабдувале со вода за пиење од природни чешми и бунари. Секоја пета куќа во стар Велес имала бунар но, многу од нив имале солена вода па не можеле да ја користат за пиење. Ова особено било многу поприсутно на десната страна на градот за каде уште старите велашани велеа дека „Велес е изграден на сол“.

Подоцна, граѓаните ги изградиле малските чешми во кои водата стигнала од Раштанскиот водовод, од Бањиште и од Шорка .

Сепак маалските чешми на Којник, Бричкова, Прчиева, Мегдан, Маалска, Солено чешмиче, под Којник, кај Варналиите, Читкушева чешма, кај Црна Џамија и други ни од далеку не можеле да ги задоволат потребите на велешани. Малкумина граѓани знаат кога Велес организирано започнал да го решава проблемот со водата за пиење. 

Тоа се случило точно пред 89 години, во далечната 1929 година. Според податоците на Историскиот архив во Велес, во времето на Стара Југославија (СХС), биле направени првите подготовки за изградба на градски водовод. На 29 октомври 1929 година , двајца универзитетски професори од Белград, ги завршиле испитувањата на потенцијалите на вода за пиење под денешната железничката станица во градот поточно во населбата Шорка. Професорите испитувања спровеле уште на четири други локации во градот и тоа Раштанскиот извор, на Дервенскиот извор, во подножјето на ридот „Свети Илија како и по течението на велешкиот Поток.

Врз основа на резултатите од испитувањата , професорите на тогашниот градски поточно Општински одбор, му предложиле и тој ја избрал понудената варијанта токму извориштето Дервен со ресурс од 5 литри вода во секунда да ги снабдува жителите со вода за пиење. Така следела изработката на проект за изградба на „Дервенски водовод“. Тогаш Министерството за градежништво на Кралството Југославија, на 12 јули 1930 година, одобрило 2.679.800 динари за изградба на водоводот. Тој почнал веднаш да се гради и бил завршен во 1934 година .

glavnaulica fin

Во податоците на Историскиот архив во Велес е забележано дека истата година,на 22 февруари, бил донесен документ - Правилник за употреба на водата од водоводот „Дервен“ и била одредена цена што требало да ја плаќаат корисниците.

Една година подоцна пак, на предлог на претседателот на Судот во Велес, била донесена одлука и за испитување на минералните состојки на водата на извориштето „Саботна вода“ што се наоѓа на горниот дел на Потокот, денес, веднаш под Дервенскиот мост, под автопатот Велес-Градско за што биле одобрени 1.900 тогашни динари од општинскиот буџет. Паралелно со финансиското одобрување постојат и решение како и одлука за оспособување на анот „Обилиќ“ во Градска бања со минералната вода. Одлуките носат датум 2 декември 1930 година што покажуваат дека биле очекувани реултатите дека „Саботната вода“ поради високи вредности на минерали ќе може да се користи за бањско лекување и рехабилитација. Но, не постојат пишани документи зошто одлуките никогаш не се реализирале.

И додека бањата останала на „статус кво“ преку „Дервенскиот водовод“ со вода за пиење се снабдувале дел од жителите од левата страна на Велес. Поимотните граѓани поставиле и чешми во дворовите додека посиромашните дервенска вода ја полнеле од Читкушева чешма. Од овој водовод, здрава вода , преку цевки, била пренесена и на десната страна на градот и тоа преку Стар мост.

Прво семејство што добило вода на десната страна било велешкото семејство Ванови. Од кај нив со посебен систем водата за пиење се префрлила до училиштето „Кирил и Методиј“. Таму била изградена маалска чешма. Освен Ванови вода во своите домови внеле и имотните семејстава како што биле на Конче, Здравеви, Шукареви, Ѓоргови и други.

Во останатите делови на Велес граѓаните полнеле вода од маалските чешми приклучени на Раштанскиот водовод како и од природните чешми и бунари.

reni1 fin

Така било се до шеесетите години на минатиот век. Тогаш комуналното велешко претпријатие „Дервен“ ја започнало изградбата на градската водоводна мрежа и Рени бунарите, што се наоѓаат до брегот на реката Вардар во месноста Шорка. Мрежата се ширела во правец на мостот кај Башино Село и се надополнувала со количина од Дервенскиот водовод.

hidrosistemlisice fin

Велес трајно го реши проблемот со вода за пиење дури на почетокот на овој век кога се изгради брана со акумулација на Хидросистемот „Лисиче“. Изградбата преку самопридонес ја започнаа велешани а ја завршија со финансиски помошти неколку состави на македонските влади.

Стоилко Андреевски

Поврзани вести

Web banner Hit Portal Sinalco IceTea 2018 300x250px 01

PITIJADAVELES1

Најново