Во сообраќајка, во строгиот центар на Велес, моторциклист се здоби со скршеница
Во строгиот центар на Велес, вчера 9 октомври, на крстосницата од улците “8-ми Септември“, „Архиепископ Михаил“ и “Страшо Пинџур“ се случи сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл марка „Тумопар“ со велешки регистарски броеви управуван од И.К.(47) од Велес и мотоцикл марка „Кимко“ со велешки регистарски броеви управуван од М.Ѓ.(22) од Велес.
Несреќата се случи околу 15.30 часот.
Во неа со сериозни повреди се здоби возачот на Мотоциклот марка „Тумопар“ И.К кој со возило на Итната медицинска помош беше пренесен во ЈЗУ Општа болница – Велес.
– Пациентот со иницијали ИК, роден 1971 година, е примен на одделението за ортопедија во ЈЗО Општа болница Велес, вчера, вторник 9 октомври, во попладневните часови. Од страна на д-р Зоран Арсовски е упатен на ренген дијагностика и добиени се резултати во кои е констатирана фрактура на подколеница. Пациентот нема витално загрозувачи последици по неговиот живот иако е задржан на болничко лекување на одделението за ортопедија, рече портпаролката на велешката Општа болница, Марина Андова.
Увид на местото на сообраќајката направи екипа на СВР Велес. Таа ќе ги утврдува причините кои довеле до несреќата./У.Ј