На „Фестивалот на пити и вино“, годинава, промоција и на велешкото ѓозлеме
Составен дел од годинешните активности на Фестивалот на пити и вино ќе биде и велешкото ѓомлезе. Традиционалниот специјалитет што исто така се подготвува од тесто, сирење и свинско месо ќе го подготват членките на Организација на жени на Велес. Ѓозлемето ќе се промовира во недела, на 21 октомври, во 14.45 часот.
Тоа е новина на годинешната манифестација посветена на пастрмалиите и виното. Целта на овој настан, како што објасни организаторот, Општина Велес, е во рамките на Фестивалот на пита пастрмалија да ги промовира и популарните традиционални специјалитети што велешани со децении ги имаат на своите домашни трпези.
Ѓозлемето е специјалитет што се подготвува од сукани кори. Корите се редат во тавче и секоја се прска со масло за јадење и ситно издробено сирење. Тие се редат една врз друга. Последната кора, најзгора во тавчето, се реди со помали парчиња од свинско месо.
И овој настан на годинешната манифестација на велешки пити пастрмалии ќе има хуманитарен карактер. Парите од секое купено парче ѓозлеме ќе бидат наменети за помош на четиринаесетгодишниот Кристијан Андреев, болно дете на кое му е потребно итно лекување во странство./У.Ј