Во организирани групи или семејни тури стигнаа првите гости на вториот ден на „Фестивалот на пити и вино“ во Велес
Колешките од скопската текстилна фирма „Текспорт“ и пензионери од основни организации од Битола беа двете групи што претпладнево беа први гости на Фестивалот на пити и вино во Велес. Додека траеа пробите на музичките групи и состави на бината поставена на плоштад „Сармаале“ овие гости на штандовите веќе ги очекуваа првите количини на традиционалниот специјалитет.
И текстилните работнички од Скопје и пензионерите од Битола за првпат присуствуваат на традиционалната манифестација на велешката пита пастрмајлија.
– Се организиравеме педесет колешки од „Текспорт“, обезбедивме еден автобус и еве стигнавме во Велес. Одлучивме прво да прошетаме низ градот, да го разгледаме а потоа штом се измориме од разгледот да ги надополниме изгубените калории. Ова е наше прво организирано доаѓање во Велес. Досега слушавме а сега еве не да присуствуваме во денот што не ни е работен. На ова место каде што не пронајдовте се договоривме сите да се собереме за да седнеме на еден од штандовите и да го пробаме специјалитетот по кој е познат вашиот град. Очекуваме дека тој ќе биде вкусен бидејќи за него сме слушале многу пати до сега, рекоа скопјанките.
Само една од нив потврди дека дома, како сопруга на професионален готвач, се насладувала на велешка пастрмајлија и додаде дека денешниот претстој во Велес ќе биде тест за квалитетот на питата што дома ја подготвува сопругот.
Пензионерите Цале Митрески, Ѓорѓи Анѓелковски, Донче и Душан Стојковски заедно со Иван Буковски кој е претседателот на една од основните организации на пензионери во Битола ги пронајдовме на една од масите поставени од страна на петте производители учесници на годинешната манифестација. Келнерите веќе ги послужуваа со пастрмајлии.
– Ние сме од неколку основни битолски организации од Долно Србци, Буковски ливади и од градот Битола. Се организиравме со еден автобус и денеска сме во Велес. Ова е нашето 41 организирано патување. За прв пат сме во Велес а повод е вашата пита пастрмајлија. Ќе ја пробаме и ќе ја споредиме со штипската бидеќи лани бевме таму, на штипската манифестација.Мислам дека убаво ќе си поминеме а за вкусот ќе раскажуваме во Битола, рече Буковски.
Додека Буковски ја даваше изјавата веќе беа искажани и првите оценки за велешката пастрмајлија од неговите пријатели во кои тие рекоа дека велешката е помрсна, жолта поради јајцата и е по различна од штипската пита.
Додека со нив разговаравме веќе на штандот доаѓаа нивните колеги и колешки кои биле да ја разгледаат новата црква „Свети Кирил и Методиј“ во Велес.
На штандот веќе место бараше и помала група составена од осуммина скопјани кои исто така се за прв пат на манифестацијата. Како што објаснија сестрите Мирјана и Ратка Митровски тие со сопрузите и уште еден брачен пар денешниот ден ќе го поминат во Велес исклучиво да го пробаат специјалитетот.
– Многу сме слушале за велешката пита пастрмајлија а не знаеме за што станува збор. Затоа се договоривме и еве ви дојдовме на гости. Веруваме дека тоа што сме го слушале, а слушавме дека специјалитетот е многу вкусен, ќе го доживееме на лице место, рече Мирјана.
По вчерашното отворање, ова е втор ден на годинешната манифестација, која наместо на улицата „Благој Ѓорев“ се организира на претходната локација, на улицата „8 Септември“ поточно на потегот од плоштад Сармаале до кружниот тек пред Стоковна куќа. Годинава организаторот, Општина Велес, одлучи да ја организира помогнат од донатори со скромен буџет од само 23.420 евра исклучиво со домашни естрадни уметници и велешки состави, групи и бендови.
На неа штандови одлучија да отворат само шест производители на пити пастрмајлии „Жито Вардар“, „ Баже Пити“, „Милениум“,„ Аркадија“, „Стара Деспина“ и пицерија „Пица тајм“ додека потребната количина на вино ја обезбедуваат три винарии: „Шато Сопот“, „Тиквеш“ и „Стоби“.
По вчерашните настапи на 90 деца од велешката градинка „Димче Мирчев“, балетските студија „Анабела“, „Црни мачиња“ и Тони Андреев како и „Double Троубле“, групите „Боеми“, „Виртуз“, „Баклава“ групата „Молика“ со вокалната интерпретаторка Анета, „Red Garden“, „Next time“ Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд денеска за забавата на гостите на манифестацијата Фестивал на пити и вино во попладневниот термин ќе се погрижат балетско студио „Анабела“, Младинскиот Црковен хор „Свети Кирил и Методиј“, КУД „Керамичар“, Црковниот хор „Свети Великомаченик Пантелејмон“, групата „Бејзмент блуз експеримент“ и Велешка Чалгија. Вечерва пак свои настапи ќе имаат Нино Величковски и „Кумановски тамбураши“, „Оркестар Агушеви“ и Џамбо Агушев, Кристина Арнаудова, Влатко Лозановски и Бени Шакири.
На сите штандови на учесниците на годинешната манифестацијата „Фестивал на пити и вино“ има поставено донаторски касички во кои свои прилози беа замолени да пуштат гостите кои ќе помогнат во хуманитарната акција за помош на 14 годишниот велешанец Кристијан Андреев кому му е потребно итно лекување во Турција /У.Ј