Велешкото ѓозлемето промовирано и продадено а собраните над 10 илјади денари се донација од Организација на жените за болниот Кристијан Андреев
Велешанката Цвета Србова беше само една од десеттината жени, членки на Организација на жени на Велес, кои денеска пред посетителите на манифестацијата Фестивал на пити и вино го презентираа традиционалниот велешки специјалитет ѓозлеме. Таа го приготвува специјалитетот на традиционален начин по рецепт на своите мајка и баба. Она што е карактеристично за ѓозлемето е приготвување со додавање на малку свинска маст, сирење и малата количина на пастрма што му даваат посебен вкус, рече Србова.
– Тестото се замесува со брашно и млака вода во која се додава квасецот потоа во мала количина сол, шеќер и масло за јадење. Штом добро се измеси јас го делам на мали топчиња од кои ги рассукувам корите колку што е големо тавчето во кое потоа го редам и печам ѓозлемето. Рассукувам први пет кори кои ги попрскувам со зејтин во кој има и мала количина на растопена маст и ги редам една врз друга. Врз нив ставам дробено сирење. Ја повторувам постапката и со втората количина од пет кори врз кои редам ситно исецкано свинско месо измешано со пастрма. И така се до врв го полнам тавчето број 38 во кое треба да се наредат вкупно 25 кори и гозлемето да се исече на коцки а во средината на секоја коцка ставам покрупно исечени парчиња на свинско месо со пастрма. Добро го премачкувам со зејтин и стопена свинска маст и откако ќе стаса го печам во загреана рерна прво 10 минути на 250 степени а потоа ја намалувам температурата на 200 степени се додека не се испече, рече Србова.
Ѓозлемето што Србова денеска го имаше подготвено беше декорирано и со мали фиферони.
На тезгите освен ѓозлеме жените од велешката Организација имаа подготвено уште неколку други видови на сукани специјалитети потоа десерти како арванија, крофни, фурми и други слатки производи. Тие се нивна донација со која се вклучија на манифестацијата Фестивал на пити и вино со цел да помогнат на 14 годишниот Кристијан Андреев кој има потреба од лекување. Сите рачно приготвени производи се продадоа за десеттина минути и се собрани над 10.000 денари што семејството Андрееви ќе ги добие деновиве./У.Ј