Хуманитарна помош од специјални медицински фотелји, од Франција, за болницата и Брза помош во Велес
Донација од 18 специјални медицински фотелји за тешко подвижните граѓани кои од болница што се реорганизира во Алзас, Република Франција ќе стигнат во двете јавни здравствени институции во Велес. Петнаесет од нив во ЈЗО Општа болница и 3 во Здравствениот дом. Станува збор за хуманитарна помош од само неколку години употребувани медицински фотелји кои ги исполнуваат европските стандарди и како донација ќе бидат корисни за граѓаните на Велес што се тешко подвижни и имаат потреба од лекување на физикалното или на другите одделенија во болницата како и во дневната болница што ќе биде дел од Брза помош во Здравствениот дом кој се реконструира, рече претседателот на Асоцијацијата Алма, Жак Шлеф.
-Ние знаеме дека вашата болница е во реконструкција и дека има потреба од обнова на повеќе нешта. Во Франција пак многу болници се реорганизираат и останува многу голема количина на корисен медицински мебел па затоа одлучивме дел од него да го донесеме во Македонија и да биде корисен за граѓаните кои се лекуваат во болницата, рече Шлеф.
Тој на директорите на двете здравствени институции, д-р Димитар Стровјаноски и Никола Димов, им понуди вкупно 25 специјални медицински фотељи за тешко подвижни граѓани но бидејќи тие прифатија 18 беше договорено останатите да бидат понудени на болница во Скопје. На состанокот беше разговарано и за други потреби од медицински мебел и опрема на двете здравствени институции.
-Знам дека не станува збор за голема хуманитарна помош, тоа е мала помош, но се надевам дека ќе донесе убаво чувство и исполнетост на пациентите што ќе ги користат, додаде Шлеф.
Хуманитарната помош ќе ја организираат, транспортираат и донесат до велешките здравствени организации француската Асоцијација „Алма“ од Алзас, Република Франција и Фондација за локален развој и демократија Фокус од Велес, Македонија. Помошта ќе треба да стигне најдоцна до месец април, вгодина./У.Ј