Коцевски: Ќе барам Советот повторно да ја гласа Одлуката за зголемување на цената на водата
Одлука за покачување на цената на водата од 0,9 денари по тон Советот на Општина Велес не донесе, констатираше денеска Градоначалникот Аце Коцевски. Тој ќе бара Советот по трет пат да ја стави точката на дневен ред , откако пред еден месец ја симна и во петокот на 2 ноември, повторно ја врати на дневниот ред на 22 седница. Коцевски смета дека за одлуката не кренало „два прста“ мнозинство од присутните членови на Советот.
-Затоа што според Законот за локална самоуправа Советот ги носи одлуките со мнозинство гласови од вкупниот број присутни членови. Во овој случај биле присутни 20 членови. Десет членови на Советот гласале за, седум биле против, двајца се воздржале од гласање поради конфликт или судир на интереси а еден се воздржал од гласање. Одлуката не е донесена иако Советот смета дека е донесена затоа што нема мнозинство, 10 гласа не се мнозинство од 20 присутни членови на Советот, рече Градоначалникот.
Повторување на гласањето според Коцевски мора да има за да не се оспорува Одлуката на суд. Легитимитетот , согласно закон, е особено важен за градот да не се доведе во ситуација Државната регулаторната комисија да му одреди повисока цена од предложената на Управниот одбор на ЈКП „Дервен“.
Инаку, ако се пресмета покачување на цената на водата во Велес според Одлуката од 2 ноември, на база на месечна потрошувачка на домаќинство со 20 тони вода, тоа ќе треба да плати 18 денари повеќе од сегашната цена или 216 денари повеќе на годишно ниво.
-Од разговорите што ги имавме со Регулаторната комисија ни преостанува во наредните години да се анализираат влезните параметри кои ги има дадено ЈКП Дервен и доколку утврдиме дека некои позиции се предимензионирани и нереално ставени, евентуално да дојде до корекција. Но не можам да ветам дека ќе дојде до тоа. Јас повеќе сум загрижен од тоа цената да ја одреди Регулаторна затоа што Општина Ресен и Општина Велес се последните кои немаат донесено одлуки за корекција на цената на водата, рече Коцевски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали постои „тивка војна“ помеѓу Градоначалникот и политичката опција на која и припаѓа Коцевски одговори дека впечатокот бил погрешен и додаде дека станувало збор за различни концепциски мислења за одредени прашања.
Претседателот на Советот, Душко Петров став за барањето на Градоначалникот најави за утре, вторник, 6 ноември./У.Ј