Опасност ги демнее велешани, се урива дел од ѕид на втор кат на зграда на улицата „Алексо Демниевски Бауман“
Тула со малтер во големина од дваесеттина сантиметри и уште три бетонски делови паднати на тротоарот од спротивната страна на паркинг просторот кај Ликовен салон во Велес. Оваа глетката ја затекнавме во доцните попладневни часови на 5 ноември. Градежниот материјал паѓа од надворешен ѕид на вториот кат на старата зграда. Неколку тули се во полувисечка состојба и се чини дека секој момент можат да се струполат долу на тротоарот. Она што особено загрижува е фреквенцијата на пешаци по тротоарот додека врз нивните глави на отприлика 10 метри опасно се надвиснати редови од тули. И на обичните граѓани кои се малку повнимателни им е јасно дека во еден момент ѕидот може сосема да се свлече долу на плочникот.
Тулите можат да повредат пешаци кои поминуваат по тротоарот. На ова место нема знаци или одбележување кои укажуваат дека е небезбедно или забрането поминување на граѓани.
Зградата се наоѓа на улицата „Алексо Демниевски Бауман“. Пред неколку години, токму од посочениот втор кат, паѓаа цементните делови од фасадата. Сега состојбата се повторува и е уште понебезбедна бидејќи може да предизвика опасност по животот на граѓаните минувачи./У.Ј