За „Смарт езеро Младост“ грант вреден над еден милион евра од Светска банка
Парите ги обезбеди општина Велес која конкурираше со проект „Паметно езеро Младост“ во кој предвиде реализација на 27 активности, поточно 8 инфраструктурни зафати потоа набавка на опрема, поставување на сигналитика, организирање на обуки и туристички промоции. Грантот вреди околу 1.080.000 евра. Поточно 974.433 евра ќе ги обезбеди Европската Унија од ИПА програмата додека 10% или 104.000 евра се учество на Општина Велес од Програмата за активностите во областа на локален економски развој за 2019 година.
– Со проектот Велешани и регионот ќе добијат нова пешачка патека покрај езерото долга 750 метри, еко камп со 7 унифицирани куќички од дрво во форма на вински буриња како симбол на македонскиот вински пат и парк за авантури за деца во рамките на кампот, рече градоначалникот Аце Коцевски
Со проектот ќе се гради пристапен пат до винаријата „Шато Сопот“, ќе се уредуваат и маркираат велосипедски патеки во должина од 17, 5 километри, ќе се уредуваат паметен паркинг за 23 возила, ќе се постават 43 паметни сијалици, а крајбрежниот појас на езерото под патеката ќе биде песажно и хортикултурно уреден.
Она што е особено интересно се набавките на 20 паметни влосипеди, 5 паметни контејнери, 5 паметни клупи на соларна енергија, 30 контејнери, платформа за набљудување на птици и киоск за продажба на сувенири. Од паднатите дрвја крај езерото ќе бидат изработени клупи.
– Освен за уредување на велешко езеро исто така во Велес, со финансиски средства од проектот, ќе отвориме туристичко биро во зградата на поранешните општествено политички организации. Проектот опфаќа и активности за сигналитика со поставување на билборд крај автопатот Е 75, и информативни табли долж езерото, како и промоција преку промотивни видео спотови, брошури, систем на СМС пораки и веб страница, додаде Коцевски.
Проектот „Паметно езеро Младост“ е најголемиот грант што досега го добила Општина Велес. Очекувањата се од една страна градот да прерасне во значајна транзитна туристичка дестинација, дома и пошироко во регионот, а од друга страна отворање на нови работни места.
Годишно, на Езеро Младост поминуваат над 2 милиони туристи. /У.Ј