Формирана Првата Доброволна работна бригада на ЗГ „Акцијаш ветерани“ Велес
Со потписи на четириесет поранешни бригадири, учесници на бројни Младински работни акции во Македонија и на просторите ширум поранешна Југославија, кои се одзваа на првиот повик на Здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“ Велес е формирана Првата доброволна работна бригада. Формирањето се одржа на 22 ноември. Бригадата и здружението ќе имаат задача преку личниот придонес на ветераните да се промовираат и реафирмираат вредностите и стекнатите искуства од доброволното работно ангажирање во минатото како добри практики за мотивација на Велешани, особено на младите луѓе, кои ќе покажат интерес дел од слободното време да го посветат на волонтирање за својот роден град.
Миле Маџаров беше избран за Командант на Првата доброволна работна бригада на Здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“ – Велес.
-Ми причинува особено задоволство и чест што ме избраа моите другари, поранешни колеги од бројните младински работни акции за кои сме подготвувале бригади или заедно сме учествувале. Нашата цел ќе биде да се посветиме на возобновување на вредности кои беа особено почитувани и респектирани во времето кога ние учествувавме во изградба на патишта и пруги, пошумувавме и уредувавме простори во градови и општини на кои им беа потребни зелени површини и шуми, водоводи и канализациони мрежи. Тоа се незаборавни моменти во животот на еден човек, многу пријателства на луѓе од разни националности, етнички и верски заедници. Тие добри практики сакаме повторно да ги возобновиме, особено да ги мотивираме младите но и повозрасните граѓани како се сака, како се гради и како се заштитува животната средина, материјалните и нематеријални добра во заедницата како што е нашата, градот во кој сме родени, нашиот Велес и општината во која живееме, рече Маџаров.
Маџаров за првпат учествувал на доброволната работна акција „Чеплес“ во 1977 година како трасер, потоа следат СМРА „Оток младости“ во 1978 година, МРА „Богомила“ во 1979, СМРА „Параќин“ во 1980 како Командант на МРБ „Благој Ѓорев“ од тогашен Титов Велес како и МРА „Бабуна 1986“ и СМРА „Титов Велес“ во 1987 година.
Првата доброволна работна бригада на Здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“ – Велес ќе работи според програма за работа, што на база на предлози на членовите, ќе биде донесена наскоро. Таа ќе содржи бројни активности за пошумување, уредување и озеленување на јавни простори како и други форми на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во општина Велес. Исто така бригадата и здружението ќе градат партнерства и соработки со бригади дома и во соседните земји како и од државите на поранешна Југославија каде акцијашкото „О-рук“ и бригадирскиот поздрав „Здраво, здраво, здраво“ имаат реобновени повеќегодишни традиции.
Претседател на Здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“ Велес е проф. др Љупчо Вчков а Претседател на Управниот одбор Јосе Mанев. Здружението и Првата доброволната работна бригада се отворени за нови членови, за поранешни акцијаши како и за граѓани кои сакаат да бидат поддржувачи. Член се станува со потпишување на пристапница и добивање на членска книшка. /У.Ј