Касапскиот занает и генерациите на мајстори во Велес
Од памтивека Велес имал надалеку познати мајстори касапи. Во старата чаршија , во нивните дуќани, секогаш имало свежо свинско, телешко, говедско, овчо, јагнешко, козјо и јарешко месо. Велес, по бројот на касапниците и месарниците , секогаш бил меѓу првите во Македонија. Покрај што откупувале добиток од богатите села поголем број од сопствениците на месарници имале и сопствени стада.
И за време на Отоманската империја велешани имале свои месарници и свои касапи, што било ретко за другите градови.
Бидејќи бројот на касапите во Велес бил доста голем со помош на касапот Лазо Тренчов, кој потекнува од касапска фамилија, ги забележавме само првата и втората генерација на касапи и месари.
Најстар и прв што отворил месарница, уште во турско, бил касапот Пано Ивчев и неговиот син Форо, кои покрај што купувале исто така чувале сопствени стада добиток во Башино Село. Веднаш по нив дуќан отворил Славејко Ивчев, па Лазо Тренчов, Трајко Скачинчанецот, па Ило Ставрев со синовите Ордан и Страшо, како и Петре Миленков и Дане Андов. Потоа следни биле касапите Благој Јовев, Борис Арсов,Трајко Тутарков, Бошко Караџов Караџата, Ѓело Гаџата, Димо Јанушот, браќата Славе и Јовче Ивчеви, Киро Брлев, Кочо Тренчов, Ганчо Босотов, Кочо Чоната, Трајко Чукниев, Ганчо Чанев и Коле Филип. Нивни колеги станале и Богдан Раштанецот, Стеван Габер, Ѓорги Габер, Алексо Петров со синот Илија,Трајко Малезан, Тоде Петров и Петре Левков.
Касап Димче Амбарков
Во втората генерација на касапи во Велес се вбројуваат Коле Василков, Пракецот, Левко Конзулот, Ристо Савчев –Шпатот, Бранко Попов, Ѓоре Амбарков, Ѓоре Видов, Лазе Тренчов, Димче Јовев, Ѓорѓи Караколев, Мете Костов, Панче Пурата, Ване Матев, Максим Јанакиев, Кире Коцев, Миле Владев, Јове Јорданов и Мите влавчето. Со нив работеле и Коле Филип, Диме Јовев, Раде Теов, Мето и Кире Стојанов.
Покрај касапи во Велес имало познати мајстори за правење на скара и сувомесни производи како и цревари. Така Богдан Чакар, Иле Царето и Лазо Чардакот правеле скара и сувомесни „прсти да излижеш“, како што велат велешани.
Од цреварите најголеми мајстори биле Тоде и Андреа Маџар, Ристо со синот Љубе, Боте Левков, Лазо Чондата и Зико Влавчето. Бројот на младите е доста голем но, за нив во друга пригода.
И касапите и месарите за свој празник го слават „Свети Архангел“. Според востановената традиција на ден на светецот дуќаните се затворени, а касапите свечено облечени најнапред оделе во соборната црква „Свети Пантелејмон“ каде по свечената литургија и пеењето на светото лепче, од страна на свештеници од Велес, започнувало славењето на занаетчискиот ден. Лепчето и софрата ги подготвувал кумот, кој секоја година се менувал.
Редакцијата на Дума.мк останува отворена за соработка доколку некој од мајсторите е пропуштен бидејќи целта е да го забележиме секој и неговото име и да го зачуваме од заборав.
Стоилко Андреевски