Ридот Вршник во Велес засаден со 6 илјади садници багрем, јавор и јасен (ФОТО)
Над двеста учесници се вклучија денеска во акцијата за пошумување на ридот Вршник со садници на багрем, јавор и јасен. На повикот на Општина Велес се одзваа локалната администрација, членови на Советот на Општина Велес, припадници на политички партии, вработените од ЈП „Дервен“, на библиотеката „Гоце Делчев“, Народен Музеј на град Велес, граѓанските здруженија ЕД „Вила зора“, Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, Клубот „Мото Велес“, Општинската организација на Црвен Крст, припадниците на Армијата на Македонија од Командата за обука во Велес како и од ЗГ „Акцијаш – ветерани“ со Првата бригада за доброволна работа „Кочо Рацин“ помогнати од колегите ветерани од ЗГ “Акцијаши“ од Скопје заедно со претставници на Сојузот на Волонтери – Акцијаши на Република Македонија.
Во акцијата се засадија околу 6 илјади садници на западната страна на ридот Вршник, веднаш над населбите Тунел и Превалец кои се во непосредна близина на Каменоломот на фабриката за вар, во моментов, најголем загадувач на Велес.
– По десет години Општина Велес за прв пат реализира сопствена акција за пошумување, надвор од големите акции како што беше „Ден на дрвото – засадија својата иднина“. Јас сум многу задоволен, правиме многу убава и корисна работа денес затоа што според првичните проценки има над 200 учесници кои на 3 хектари голи површини околу Велес се очекува да засадат 6 илјади садници од кои најголем дел се багрем, обезбедени од буџетот на Општина Велес и 2 илјади садници јасен и јавор обезбедени од ШС „Бабуна“. Им благодарам на сите учесници, на ЈП „Македонски шуми“, сите вработени во општината и јавните институции во градот, на АРМ, на македонската полиција, на граѓанските организации. Особена благодарност до ЗГ „Акцијаш – ветерани“ со кои планираме да реализираме многу убави работи во градот како и на нивните колеги од ЗГ „Акцијаши“ од Скопје, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Денешната акција за пошумување траеше околу два часа. Толку време беше потребно да се засадат сите обезбедени садници откако претходно ШС „Бабуна“ ги подготви трите парцели. Тие беа избраздени со ископани дупки па учесниците во акцијата само ги засадуваа садниците и ја тапкаа земјата околу нив.
ЈКП „Дервен“ подели алат за работа составен од мотики, копачи и лопати. Командата за обука на АРМ обезбеди топол чај.
Трите парцели се наоѓаа скоро на врвот на ридот Вршник. И покрај организираниот превоз од страна на општината, до платото пред Фабриката за преработка на водата за пиење на ЈКП „Дервен“, никој не се пожали на петнаесетминутното пешачење и искачување до врвот на ридот.
Тој дел од патот акцијашите ветерани, припадниците на АРМ, извидниците и волонтерите на Црвен Крст го испешачија построени во бригади виорејќи ги своите знамиња или носејќи ги транспарентите со логоата на граѓанските организации.
Според проценките на шумарските работници и инспекторите за животна средина во Општина Велес доколку во наредните денови не заврне дожд садниците ќе бидат залевани со вода./У.Ј