Коцевски: Нема судир на интерес на двајцата членови на Советот на општината кои гласаа „за“ Одлуката за цената на водата и покрај тоа што имаат вработени роднини во ЈКП „Дервен“
Државната регулаторна комисија како орган е избрана со Закон донесен од мнозинството на ВМРО ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија кога тие беа власт во државата. Тие ја формираа оваа комисија која има можност да ја одреди цената на водата за пиење доколку тоа не го сторат Советите на општините во државата. Како Градоначалник заедно со Советот на Општина Велес постапивме исправно, спречивме опасност Регулаторна да постапи по сила на Закон и на штета на граѓаните, јавните институции и бизнис заедницата, поточно комисијата да одреди цена на водата за пиење која е значително повисока од предложената на Управниот одбор на ЈКП „Дервен“, одговори градоначалникот Аце Коцевски на прозивките од страна на ОК на ВМРО ДПМНЕ соопштени на нивната последна прес конференција одржана на 3 декември, годинава.
-Воопшто не се сомневам дека јас и членовите на Советот на Општина Велес направивме добро дело затоа што на таков начин ги заштитивме интересите на граѓаните, институциите и бизнис заедницата. Ние сме за тоа избрани, за да ги штитиме нивните интереси. Користејќи го законското право јас одлучив да не ја потпишам Одлуката, условно да кажам за зголемување на цената на водата, затоа што беше донесена без доволен број на гласови од вкупниот број на присутни членови на седницата на Советот. Од 20 присутни за Одлуката гласале 10 членови. Тоа не е мнозинство и јас затоа постапив така. Затоа што Градоначалникот како институција мора да ја контролира законитоста на работењето на Советот со тоа што има право да не потпише Одлуката и да не се објави во Службен гласник. Како што пропишал законодавецот , во таков случај, потоа Советот повторно треба да го разгледа актот и доколку го потврди тогаш Градоначалникот по сила на Закон го потпишува Решението за објавување во Службен гласник на Општина Велес. Меѓутоа автоматски мора да покрене постапка во Уставен суд за да се испита уставноста на таквата Одлука. Во случајов не се работи за тоа бидејќи во вториот наврат Советот на Општина Велес со мнозинство на гласови ја донесе Одлуката, рече Коцевски.
Градоначалникот додаде дека во меѓувреме имал консултации со Инспекторатот за локална самоуправа и со државниот секретар во Министерството за локална самоуправа од каде добил уверливи докази дека Советот на Општина Велес погрешно работел кога при гласањето за цената на водата се изземале негови членови кои имаат вработен роднина во ЈКП „Дервен“ сметајќи дека тоа е судир на интерес.
-Ме уверуваа дека тоа не е судир на интерес затоа што нивните роднини немаат директна финансиска полза од оваа Одлука што се донесе и дека тоа не е конфликт на интерес. Тие се понудија да дојдат во Општина Велес и да разговараат со нас. Дури потоа јас се согласив да го потпишам Решението и да се објави во Службен гласник, рече Коцевски.
Тој, на прес конференцијата на ОК ВМРО ДПМНЕ одржана на 3 декември, годинава, беше директно прозван дека откако не го обезбедил потребното мнозинство „за“ исто така „замижал“ кога дозволил за оваа Одлука да гласаат двајцата советници кои имаат блиски роднини вработени во ЈКП „Дервен“ кои претходно се изземале од гласање кога на дневниот ред на седниците на Советот имало точки поврзани со работата на јавното комунално претпријатие во Велес. /У.Ј