(ВИДЕО) Петта предновогодишна забава, пакетчиња и подароци од Ротари клуб „ Бели Мугри“ за дечиња од Велес
Дваесет и едно дете од Велес, кои се дел од семејства што живеат во социјален ризик, час и половина се забавуваа во игротеката „Парк“ на предновогодишна забава што за нив ја организираа Ротари клуб „ Бели Мугри – Велес“ и Фондација за локален развој и демократија “Фокус“ од Велес. Поттикнати од чичко Тони, децата танцуваа на познати хит песни и ги користеа играчките и реквизитите на игротеката. Ова е петта предновогодишна забава на дечиња од градот на кои поради лошата материјална состојба во која се наоѓаат нивните родители нема кој да ги однесе во игротека или да им купи новогодишен подарок. Децата во игротеката беа придружувани од родител или близок роднина.
– По петти пат сме заедно со дечињата и со Фондација Фокус во пресрет на Нова година. Задоволни сме од фактот што во еден момент причинуваме задоволство кое се гледа на лицата на деца. Сакаме и тие да имаат безгрижно детство. Затоа посакувајќи им среќна нова 2019 година наша најголема желба е нивните родители да се вработат и така да се подобрат условите во кои живеат тие со своите семејства, рече Милан Димитриевски секретар и иден претседател на Ротари клуб „ Бели Мугри – Велес“.
Кулминацијата на деведесет минутната забава беше постигната кога во игротеката „Парк“ пристигна Дедо Мраз. Тој ги донесе и подели новогодишните подароци и пакетчиња за овие дечиња. Задолжителна беше и фотографијата со Дедо Мраз. Токму таа ќе остане како траен спомен на човечка добрина, што ја сториле млади луѓе на едно граѓанско здружение Ротари „Бели Мугри – Велес“, кои се сетиле дека во Велес живеат и дечиња што не треба да останат без новогодишна забава, пакетчиња и подароци.
Во видеото е дел од денешната предновогодишна забава во игротека „Парк“ во Велес.
{vembed Y=w1HeiKJOF68}