Велешката болница функционира со нови лифтови, вгодина ќе набави и надворешен – панорамски откако 2018 ја заврши со салдо позитивна нула и е пред акредитација
Два сосема нови и модерни лифтови, официјално од денеска петок 28 декември, ги возат од приземје до петти кат и обратно, пациентите и вработените, во болницата во Велес . Лифтовите се со употребната дозвола од Министерството за економија и од техничкиот Инспекторат. Тоа значи дека болницата во која малиот лифт не функционираше цели четири години а големиот едвај ја вршеше функцијата го реши најгорливиот проблем со кој се соочуваше со децении наназад.
– Малиот лифт ќе ги превезува пациентите кои се во релативно добра здравствена состојба додека големиот лифт, според упатствата и обуките низ кои поминаа вработените во јавната здравствена организација, ќе биде за потребите на лежечките пациенти и за потребите на медицинскиот персонал. Ви зборувам за потребите од превезување на материјалот за стерилизација, медицинскиот материјал, апаратурата, рече директорот д-р Димитар Стровјаноски.
Велешката болница во двата нови лифтови вложи сопствени средства во висина од 4 милиони и 900 илјади денари поточно 80 илјади евра. Портирската служба е задолжена за почитување на правилата и процедурите за употреба на лифтовите. Портирите ќе им даваат упатства кој лифт да го користат пациентите и граѓаните кои доаѓаат во посета на лежечките пациенти. Сега кога двата нови лифта се ставени во целосна функција менаџерот вели дека нема да застанат тука туку ќе се вложат во создавање на услови и набавка на трет болнички лифт.
– Во наредната година очекувам болницата да добие и надворешен, панорамски лифт, што во суштина ќе значи многу за нормалното фукционирање на јавната здравствена установа. Ваков систем на зграда која има потреба на правилно двоење на чис и нечист материјал или стерилен и нестерилен материјал навистина вградување на уште еден лифт ќе даде придонес за подигнување на квалитетот на здравствените услуги на нашите граѓани или пациенти, рече д-р Стровјаноски.
Задоволен од годинешната работа на ЈЗО Општа болница Велес, директорот, соопшти дека доколку болницата сега се раздолжи кон неколку јавни здравствени установи како и со обврските кои што им останале а државата и ги плати доспеаните обврски тогаш салдото ќе изнесува нула. За дел од неплатените со години обврски менаџерскиот тим успеал да постигне судски спогодби и да ги репрограмира долговите па ако се направи таква математичка пресметка тогаш болницата е со позитивно салдо во висина од 16 милиони денари.
– Тоа што е особено значајно за пациентите, порака до сите, дека од 1 јануари 2019 година велешката болница обезбедува услови за намалување на чистата на чекање. Првата новина е во Ренгенолошката служба во која нашите колеги покажаа голема пожртвуваност за да спроведеме 24 часовна покриеност во дијагностиката. Во соработка со Клиниката за Ортопедија и Трауматологија од Скопје освен за вградување на вештачки колкови се договоривме да ги намалиме листите на чекање со тоа што врвни специјалисти ќе доаѓаат во велешката болница и ќе вршат операции во нашите операциони сали. Тоа се големи трошоци што ќе треба да ни ги покрие Фондот за здравство, додаде д-р Стровјаноски.
Тој, исто така, соопшти дека добра вест е најавата од страна на Агенцијата за добивање на акредитацијата на ЈЗО Општа болница Велес и тоа не за една туку за три години. Тоа значи дека болницата воспоставила процедури и практикува стандарди кои oвозможуваат и стручно доктринарно акредитирање на медицинскиот персонал за сите медицински области.
Она што д-р Димитар Стровјаноски, како менаџер, во три наврати го повтори пред вработените на новогодишниот собир всушност беше апел да се подобрат меѓуколегијалните односи од кои очекува дополнително подигнување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за пациентите во болницата.
-Интерперсоналните односи и колегијалноста потребно е да ги ставиме во интерес на пациентите затоа што сите ние тука работиме за интересите токму на пациентите и нашите граѓани, рече д-р Стровјаноски пред колегите на новогодишниот собир во болницата. /У.Ј