Арсовски: 2019 година ќе биде година на економски раст, со повеќе пари кај граѓаните, пресвртница на економските политики, нови развојни проекти и поголем број на работни места
На прагот од Новата и во последните денови од старата година вообичаено се соопштуваат резултатите и плановите за работа. Како што соопштија токму тоа беше повод денеска, на 28 декември, на заедничка прес конференција Претседателот на Општинската организација на СДСМ од Велес, Дејан Арсовски, пратеникот на СДСМ, Панче Иванов и Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски да соопштат што како локална власт направиле во изминатата прва година од превземањето на власта во општината. Претседателот Арсовски изминатата прва година од владеењето на локално и година ипол на централно ниво ги оцени како период на домаќинското, одговорно и транспарентно работење на власта предводена до СДСМ.
– Иако немаме намера да потсетуваме за хаваријата во која ја затекнавме општината и државата со превземањето на власта предизвикано од недомаќинското и криминално владеење на ВМРО ДПМНЕ неизбежни се следните поразителни факти. Прво, локалната власт ја превземавме со долг од 2,8 милиони евра од кој најголем дел од 1,5 милиони евра кон ЈКП Дервен и второ вкупниот долг на сите општини во Република Македонија изнесуваше 6 милијарди денари при што овој износ беше двојно поголем доколку се земат во предвид и долговите на јавните претпријатија. Соочени со оваа катастрофално лоша ситуација бевме принудени првиот приоритет да го ставиме на овие последици. И денес со гордост можеме да констатираме дека целосно успеавме во тоа, рече Арсовски.
Тој додаде дека благодарение на домаќинското, одговорно и транспарентно работење на власта предводена до СДСМ на локално ниво успеале да вратат најголем дел од долговите и дека започнато е застанувањето на Велес на здрави нозе додека со помош на владиното сервисирање на долгот во висина од 50 отсто се создадени услови за помош на општините. Од резултатите што Владата ги постигнала досега, Арсовски, ги издвои исплатената финансиска поддршка за 250 компании, под 200 илјади невработени што како бројка за прв пат била постигната во државата, утврдениот износ на минимална плата од 12 илјади денари, исплатата на над 24 илјади денари како просечната плата на државно ниво и бројката од 90 илјади граѓани кои добивале повисоки плати, како и зголемените пензии. Во постигнатите резултати на актуелната власт исто така ги потенцираше наместо драконски казни воведената опомена пред казнување, намалените глоби за 75 отсто како и од 50 до 90 отсто намалените извршителски и нотарски услуги.
Осврнувајќи се на постигнувањата на локално ниво Арсовски констатираше дека предводена од СДСМ и Градоначалникот Аце Коцевски, Општина Велес, застанала на нозе и започнала да се движи во вистински правец притоа спомнувајќи ги проектите за урбана мобилност и паметно Езеро Младост .
– Со поддршка на Владата преку развоен заем од германската Влада ќе се реализира многу значаен стратешки проект, со кој се предвидува хидро системот „Лисиче“ да обезбедува вода за наводнување на околу шест илјади хектари земјоделска површина, техничка вода за индустријата, дополнително полнење на езерото Младост и изградба на неколку хидро-централи. Во тек се активности за започнување на проект за инфраструктура и Основен проект за примарна и секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа, рече Арсовски.
Тој ги наброја и останатите проекти на чија реализација работи Општина Велес како што се Младински креативен центар, новата современа градска библиотека, уредувањето на просторот околу Саат кулата, туристичко биро и уредени јавни површини за почист Велес.
Велејќи дека зад Велешани е година на економско придвижување и интеграција Арсовски предвиде дека 2019 година ќе биде година на економски раст со повеќе пари кај граѓаните, пресвртница на економските политики, нови развојни проекти, поголем број на работни места.
– Почитувани граѓани за нас во СДСМ секогаш вашиот интерес е на прво место. Вие сте ни ја дале довербата за да Ви служиме Вам.Наша должност е да ја оправдаме довербата и да ги подобриме условите за живот на сите граѓани. Сите заедно ќе продолжиме на реализација на овие цели. За напредокот на Велес, за напредокот на Македонија , современа и развиена држава која ќе биде дел од најмоќните светски сојузи НАТО и ЕУ. На крај дозволете ми од мое, од името на пратеникот Панче Иванов, Градоначалникот Аце Коцевски, членовите на Советот на Општина Велес од редовите на СДСМ и коалиционите партнери да Ви ги честитам новогодишните и божиќните празници, вам и на вашите најблиски, да ви посакам многу здравје, среќа и успеси во новата 2019 година,“ рече Арсовски. /У.Ј