Здравковски: Власта , годинава, генерално Велес го направи крајно загадена, бедна, урбана џунгла, завиена во темнина
За изминувањето на, спред ОК ВМРО ДПМНЕ, една тешка година за секој Македонец и граѓанин на Велес, поточно година што наликувала на 1948 отколку на 2018, година што очекувале граѓаните брзо да ја заборават за во 2019 година да живееле подобро и подостоинствено ја посвети денешната прес конференција претседателот Игор Здравковски. Велејќи дека во годината, која за некој ден ќе биде минато и во која граѓаните на Велес биле сведоци на самоволието, како на локалната така и на централната власт, по презентираните програми за живот со кои многу ветувале но ништо не сториле за подобрување на животот во Велес тој додаде:
– Оваа година сме сведоци на покачени комунални давачки, покачени цени на нафтата, покачена цена на водата, несработен ниту еден проект, непочитување на мислењето на граѓаните, потценување на интелектот на сите чинители во општеството. Ги нема ветените проекти за затворен градски пазар, градење на катни гаражи, ги нема атмосферските канализации од погорните улици на градот, нема гасификација, нема чист воздух, нема реконструкции на училишта, нема 500 евра плата, нема 100000 денари за докторите, нема повисока социјална помош, ниту зголемени пензии, рече Здравковски.
Тој директно ги прозва пратеникот на СДСМ Панче Иванов и Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.
– Пратеникот Панче Иванов, спротивно од вољата на народот кој со помалку од 28% излезност кажаа големо НЕ на нивното бесмислено прашање, гласа за промена на уставното име на Р.Македонија, гласаше за двојазичност, сега исплашен седи во неговиот топол дом во кој го чуваат полицајци 24 часа, и тоа од сопствените граѓани! Градоначалникот Аце Коцевски, оваа година им нанесе штета на спортистите, на сите оние кој ја почитуваат традицијата, удрија и по образованието, не поместија еден камен во градот освен оние геометриски форми кај раскрсницата кај Панини кој се големи по неколку чекори. Видовме неспособност и немање желба за дијалог и јавни расправи околу донесувањето на буџетот, околу програмите за работа на општината за следната година во која се слушаше само сопственото его, околу спојувањето на училиштата, спротивно од законот за локална самоуправа тој стави мораториум на медиумски пренос на седниците плашејќи се граѓаните да не го видат начинот на кој противзаконски и со судир на интереси си носат одлуки кој се секакви, само не во корист на граѓаните. Администрацијата ја направија сервис на исфрустрирани ликови кој треба да ги исполнуваат желбите на вазалите, и сето тоа под изговор дека се штеди. Истиот градоначалник ја остави општината во долг на неговото заминување во 2009 година, па наредните двајца го исплаќаа неговиот долг ниту еднаш нежалејќи се на неговата работа, рече Здравковски.
Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ на крајот на прес конференцијата им ја честита Новата година на Велешани.
– Во новата 2019 година, на граѓаните им посакуваме многу здравје, среќа, успех во животот и работата, поголеми примања, подостоинствени услови за живот, а на народните избраници од локалната и централната власт им посакуваме повеќе памет и мудрост во донесување на одлуките, и конечно да разберат дека народот и граѓаните не се за да им бидат слуги, туку тие треба да се сервис на граѓаните и треба да покажат почит кон оние што ги бирале. Среќна Нова Година, рече Здравковски./У.Ј