„Коледе леде„ пејат коледарчињата низ велешките сокаци и маала
Со насмевки на лицата и торбички на рамо велешките коледарчиња ги посетуваат домовите на своите сограѓани. Тропаат на влезните порти додека громогласно ја пејат најпознатата коледарска песна:
„Коледе леде,паднало греде
утепало деде,деде се мачи
баба го квачи со четири јајца
гускини, шаткини ооо Коледе…
Денес е Коледе,утре е Божиќ
ќе колеме теле, теле вика леле
не колете мене, ќе ви купам зеље
да месите пита, да јадете сите.
Коледееееееееее…“
По испеаната песна велешките домаќинки ги даруваат Коледарчињата со коледарски солени колачиња, ореви, бадеми, свежо и сушено овошје,костени и паричка. Коледарчињата внесуваат среќа во домовите на граѓаните и се предвесници на вечерта во која се слави Бадник, денот пред Христовото раѓање – Божиќ.
Колку поголем број на Коледарчиња толку поголема светлина, среќа и берикет во домовите, велеа и сеуште велат постарите велешанки.
А Коледарчињата, годинава, поради студеното време и минусните температури, малку подоцна тргнаа во посета на домовите.И сеуште во некој делови на градот како Дворови, Соколаана, Којник, Бузаана, Долни Дуќани се слуша нивната песна. Тие ќе пејат се додека не ги наполнат коледарските торбички со дарови или додека не се приквечери кога заедно со своите најблиски ќе седнат покрај трпезата со посни јадења за да започне славењето на Бадник./У.Ј