Комуналците од снег ги чистеа главните сообраќајници во Велес додека ЈП „Македонија пат“ и ГП „Изгрев“ локалните патишта во општината
Во текот на претпладнето и до 14 часот четириесет работници на одделението за Комунална хигиена на ЈКП „Дервен“ успеале да исчистат 6,5 км улици и 47.040 м2 површина на тротоари во Велес. Трите моста во градот „Гемиџии“, „Мало Мовче“ и „Стар Мост“ биле први на приоритетната листа за чистење од снег. Комуналците денеска фрлиле 2,5 тони сол.
Комуналците денот го продолжиле со чистење од снежната покривка на приодите кон двете цркви во градот, „Свети Пантелејмон“ и „Свети Спас“ како и улицата „Самоборска“ која води кон Општа болница Велес. Таму по чистењето се фрлало и сол. Исчистен бил и патот кон гробиштата во Раштани.
Според утврдените приоритети и Програмата за јавна чистота денеска комуналците продолжиле со работа на главната сообраќајница „Благој Ѓорев“ од потегот на гаражите на јавното комунално претпријатие, попознато за Велешани – мензите на Бетон, во правец кон центарот на градот или точно до објектот на Македонски пошти. На овој дел од улицата биле исчистени тротоари со површина од 12.100 м2. Работниците потоа ги чистеле двете улици „Алексо Демниевски Бауман“ која има тротоари со површина од 6.000 м2 и „8 Септември“ со површина на тротоари од 10.840 м2. Од улицата „Илинденска“ исчистени се тротоари со површина од од 1.500 м2 додека на улицата „Петре Прличко“ снегот бил отстранет од едниот тротоар со површина од 6.200 м2. Кај централниот градски пазар снегот бил исчистен од двете страни. Улиците се чистеа додека во Велес континуирано паѓаше снег.
УХМР во 11: 45 часот во Велес регистрираше температура од минус 2 степени Целзиусови.
Денеска не беше исчистен приодот кон комплексот Хирушки амбуланти и улицата „Самоборска“ која поминува покрај Инфективното одделение на Општа болница Велес , реагираа граѓани.
Од велешката болница соопштија дека нивни вработени успеале да го исчистат и направат безбеден за пациенти и за возилатата на Итна помош делот кој од централната зграда води до Хирушките амбуланти но поради ограничените човечки ресурси не можат да го исчистат снегот од улицата „Самоборска“ кој мине покрај Инфективното одделение. Директорот д-р Димитар Стровјаноски апелираше во текот на утрешниот ден задолжените служби за чистење од страна на Општина Велес да ја оспособат и оваа улица за да се намалат проблемите на граѓаните и на пациентите.
Според Центарот за управување со кризи интервенциите на ЈП „Македонија пат“, ЈКП „Дервен“ и ГП „Изгрев“, кој го доби тендерот за чистење во зимски услови од општина Велес, исчистени се сите локални патишта на подрачјето на општината. Тие се проодни и чисти, соопштија од ЦУК од Подрачната единица во Велес.
Освен извртено возило, од 9: 30 до 10: 30 часот, кое беше причина за едночасовниот застој на сообраќајот на регионалниот пат Велес – Чашка кај Долги Рид нема други посериозни нарушувања на одвивањето на сообраќајот во општината.
И вработените на Железничка станица во Велес денеска ги исчистија приодите и патеките до железничките пруги во комплексот. Осумте патнички и трите товарни возови стигнаа и навреме тргнаа од станицата во Велес според важечкиот возен ред.
Автобусите на станицата во Велес воглавно пристигаа и поаѓаа навреме а со задоцнување од 30 минути пристигаа од Охрид, Битола и Дојран./У.Ј