Приватните лекари бараат покачување на платите исто како колегите во јавните институции во државата
Здравствените власти ги заборавија приватните здравствени организации во државата кога донесоа одлука за покачување на платите во јавното здравство. Здружението на приватни лекари во Македонија смета дека со донесената одлука приватните лекари и нивните амбуланти се заборавени и игнорирани. Од 1 јануари за 9 и за 15 отсто покачени се цените на здравствените услуги во јавните здравствени институции и во приватните болници кои што имаат склучено договори со Фондот за здравство како резултат на инфлација што постоела во државата но не и во приватните амбуланти, вели претседателката на Здружението, д-р Лилија Чолакова Дервишова.
-Замолуваме јавно да се соопшти дали има инфлација бидејќи ако има тогаш таа се однесува на комплетното здравство. Бидејќи станува збор за народни пари тогаш не може да се дозволи на едни покачување а на други да нема ништо од 2016 година во однос на капитацијата или пак во висината на буџетите на специјалистите и се секунданти и имаат склучен договор со Фондот, рече д-р Чолакова Дервишова.
Таа додаде дека и приватните лекари се еднакви според Уставот со лекарите во јавните здравствени институции барајќи еднаков третман.
– Здружението на приватни лекари упатува апел со следниот ребаланс на буџетот на државата да има поместување и за примарното здравство кое е столб и чувар на здравствениот денар затоа што здравството започнува токму од кај нас па затоа мора да има рационално трошење на здравствениот денар, рече д-р Чолакова Дервишова.
Затоа што матичните лекари се најдостапни за сите граѓани и нивните потреби од здравствени услуги треба да бида пропорционално наградени кога е во прашање распределбата на средствата од државниот буџет гласи ставот на Здружението на приватни лекари на Македонија. /У.Ј