Д-р Стровјаноски: Со изградба на нов крак на улицата „Самоборска“ низ дворот на болницата, градот Велес, би го решил сообраќајниот метеж во здравствениот комплекс
Улицата Самоборска, што општината лани на крајот од годината ја прошири во делот на кривините пред ЈЗУ „Општа болница“ Велес, сега дозволува да биде доизградена и во самиот болнички комплекс. Доколку општината би ја ставила во приоритетите за 2019 година тогаш ќе и помогне на јавната здравствена установа во делот на организирањето на сообраќајот во дворот, смета директорот Димитар Стровјаноски.
– Кога би се изградил крак што би минел покрај самата црква, со нагиб преку челниот бетонски ѕид на оградата на самиот влез во главната зграда и би продолжил кон просторот на кој претходно се наоѓаше објектот морга, улицата ќе се поврзе со делот што минува покрај Инфективното одделение и во продолжение со излезот од болничкиот круг под Вршник. Во исто време ќе обезбеди многу поповолно одвивање на сообраќајот во еден правец затоа што така возилата ќе влегуваат на централната болничка капија а ќе излегуваат на горната за да можат на враќање да се симнуваат преку улицата Љубљанска. Ова е особено важно за итните случаи кои се носат во болницата но не е помалку значајно ниту за останатите граѓани. Ќе се обезбедат подобри услови и за возилата за Итна помош на самата болница. И така ќе се воведе ред со начинот на паркирање како на службените така и на возилата на граѓаните кои имаат потреба од здравствени услуги, додаде д-р Стровјаноски.
Во приземјето на велешката болница треба да профункционира Ургентен центар. Освен за постоечките хирушките амбуланти за негов старт, исто така, е важено ново сообраќајно решение во самиот двор на здравствената установа.
– Сметам дека ќе ни биде од особено значење изградбата на тој дел од улицата Самоборска која мине низ болничкиот двор и продолжува кон куќите кои се на локација над самиот болнички двор и под Вршник. Така ќе можеме да обезбедиме и дополнителен дел за паркирање на возилата преку нова реорганизација. Не треба да повторувам дека секојдневниот метеж што сега се создава по правило не треба да биде толериран од наша страна. Затоа ова е еден предлог што можеме да го доставиме до општината а таа да изнајде начин и решение, додаде д-р Стровјаноски.
Тој и менаџерскиот тим на јавната здравствена установа се подготвени да помогнат особено откако општина Велес реши сериозен сообраќаен проблем со тоа што веќе ја прошири улицата Самоборска ,во долниот дел, се до влезот на главната болничка капија./У.Ј