(ВИДЕО и ФОТО) Дејан Петрушев годинава го фати Светиот Крст во Велес
Дваесет и шест годишниот Дејан Петрушев од Велес беше најсрекниот помеѓу педесет и седуммината, претежно млади и храбри велешани како и единствената девојка Марија Давчевска кои годинава скокнаа по Светиот Крст во водите на реката Вардар на христијанскиот празник „Богојавлениjе – Водици“. Тој беше најбрз меѓу нив и за пливачките вештини пофален од присутните граѓани кои ги преплавија бреговите на реката како и трите моста: Мало мовче, Гемиџии и Стар Мост.
{vembed Y=NL2k4barQu8}
Возбуден и малку збунет Дејан во зградата на Епархијата Повардарска им порача на велешани да се љубат, меѓусебно да се почитуваат, да бидат поклоници на верата но и да се охрабрат и да бидат учесници во традиционалната манифестација што во неговото семејство ја негувал и неговиот татко.
– По седум претходни скокања, годинава, ми се насмевна среќата. Им го честитам празникот на сите сограѓани, на сите тие што пред мене го фатиле Светиот Крст, а на младите сакам да им кажам дека овој празник не е само учество во манифестацијата туку и доказ за верување и почитување на верата. Татко ми беше меѓу најстарите скокачи на Војордан по Светиот Крст и од мал си велев еден ден и јас ќе скокнам во водите на Вардар. Јас годинава скокав со моте колеги со кои сум вработен во фирмата „Ванхол“. Водата беше студена но кога скокаш тогаш нема назад оти пред себе имаш цел а јас имав среќа да ја остварам, рече Петрушев.
Тој беше дел од тајфата составена од Орце Венцов, Тони Трајковски и Александар Петровски.
Бидејќи Дејан е ерген скоро сите донатори го благословија со женидба и формирање на семејство.
Тие заедно со Петрушев од Епархијата Повардарска ги добија Иконата и Златниот Крст со кои во наредните четириесет дена ќе ги посетуваат домовите на Велешани и ќе бидат наградувани со парични прилози. Сепак првите награди, златен крст – привезок со Библија за Петрушев и два телевизори, крзнени производи, пакети со вино, парчиња облека, уметничка слика- масло на тврда подлога од академскиот сликар Ангел Петров ги добија од донаторите на манифестацијата во Велес.
Претходно, водите во Вардар ги освети Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел по што од Мало Мовче го фрли Светиот Крст во реката.
– Водите се осветуваат и сите кои веруваат во осветената вода ја носат во своите домови, ги попрскуваат домовите, пијат од неа или се мијат. Со што се осветува домот. Јас се радувам што и оваа година се собравме благодарение на љубовта Божја што не собира за заеднички да можеме да го прославиме овој ден и верувам дека нашите срца се исполнети со голема радост и љубов кон своите ближни, роднини и пријатели. Она што е значајно е љубовта да ја шириме и кон своите непријатели затоа што тогаш е вистинска љубов како нашиот спасител Исус Христос кој беше распнат на крстот и се молеше за оние кои го распнуваа велејќи им: Боже прости им не знаат што прават. Сега повикувајќи се на пророкот Јован Крстител на покајание и ние сега од Господа бараме покајание како македонски народ за сите наши согрешенија, неправди што сме ги направиле кон нашите блиски, роднини, пријатели а потоа и да не спаси, да не избави од секое зло за да го зачуваме нашето свето македонско име, убав македонски јазик , македонска песна и света македонска земја, рече Митрополитот Агатангел.
Инаку, додека траеше манифестацијата Богољавленије – Водици во Велес на бреговите на реката Вардар имаше поставени две платна на кои пишуваше „Никогаш Северна -секогаш Македонија“./У.Ј