Возовите сообраќаат на железничката пруга Велес – Скопје влечени од дизел локомотиви
Возовите сообраќаат на делницата Веле – Скопје. ЈП македонски железници – Инфраструктура ја отстрани карпата одронета на железничката пруга, кај станицата Рајко, вчеравечер, среда 30 јануари околу 19 часот. Потоа е пристапено на санирање на оштетувањата кои делумно се предизвикани и од локомотивата која во вторникот на 29 јануари,во попладневните часови, се заби во одронот и излезе надвор од шините.
– Направена е голема материална штета на инфраструктурните постројки , пругата, колосеците, електричните столбови , сигнализација , контактна мрежа и оптички кабел. Висината на вкупната штета ќе ја утврди комисијата која излезе на лице место, рече Невзет Мамути портпарол на ЈП Македонски железници – Инфраструктура.
Сега на делницата помеѓу Велес и Рајко возовите ги влечат дизел локомотиви. До железничката станица во Велес композициите на патнички и товарни возови стигнуваат со електрични машини на кои се додава дизел локомотива која ги влече до Рајко за таму повторно да се приклучат на електричната мрежа и да го продолжат патувањето до Скопје. Така е и во обратен правец.
Единствено од станицата во Велес, со задоцнување од 20 – 30 минути, тргнуваат утринските патнички возови во 5:00, 5:40, 6:10 и 6:30 часот, бидејќи се чекаат патниците и од четирите се комбинираат три патнички воза.
Најоптимистички гледано, целосно поправката и санирање на оштетените постојки, електрични столбови и водови, оптичкиот кабел и другите пропратни работи на станицата Рајко треба да завршат за дванаесет дена. /У.Ј